Ако ви се бега на неколку дена надвор од Скопје и Македонија, еве ви еден предлог идеја за кратко и не многу скапо патување.

Загреб

Превоз:

Од Скопје има директна линија до Загреб со Хисар туризам, картата чини околу 90 евра во два правци и се патува околу 10/11 часа.

Сместување:

Во Загреб има многу хостели, хотели и приватно сместување. Ако сакате да патувате без да потрошите многу пари, може да се обидете да најдете некој каучсурфер што ќе ве угости на неколку дена, или пак да спиете во хостел, како што направив јас. Се сместив во “Хостел 63“, централна локација, на само седум минути пешки од главниот плоштад, чист и без многу врева. Резервирав кревет во соба со четири кревети, и за моја среќа две вечери си бев сама во цела соба, затоа што ваљда не беше сезона и немаше многу туристи. Цената беше 22 евра од ноќ, без доручек. Ова беше еден од поскапите хостели но се наоѓа сместување и за многу помалу пари од ноќ.

Хостел 63

Што да посетите:

Загреб е многу интересен град, во летниот период кога бев јас, месец јули, немаше многу туристи, затоа што скоро сите отишле покрај море, но имаше еден куп италијанци што беа на поминување идејќи накај Јадранот. Загреб е град каде што може да се прават многу работи, било да е преку ден или преку ноќ. Јас си ја почнав турата од главниот плоштад Трг Републике, без никаква мапа се изгубив низ малите улички кои најпрво ме доведоа до локалниот пазар, а од таму по едни скалички искочив и на цветниот пазар, од каде што водеше една уличка полна со продавнички за сувенири и антиквитети.

Цветен пазар

На локалниот пазар може слободно да си купите цедено сокче од свежо овошје за малку пари. Од пазарот патот ме наведе накај главната Катедрала.

Катедралата

Во Загреб е многу лесно да се прошета центарот и местата кои што се интересни да се видат, но малку ќе се изморите додека го искачите патот кој што води до стариот дел на градот, каде што се наоѓа црквата Св. Марко.

Каде да јадете:

На улиците Ткалчича и Радичева ќе најдете еден куп на мали ресторанчиња, пекари и кафе барови, така да тука може убаво да се опуштите со добар ручек или пијалок после напорниот ден одење. Едно доста интересно ресторанче што ми остави убав впечаток е “Mio Corazon”, на улицата Радичева, тапас бар, каде што се служи одлична сангрија со тапас мезе. Добро место за да го испите вашето кафе е кафе барот “Bulldog“, а за вечерно излегување “Johann Franck“. Доколку сакате да заштедите на храна во ресторани, секако имате безброј супермаркети каде што може да си купите нешто за јадење и да го зготвите во хостелот.

улица Ткалчича

Интересни факти:

Во Загреб се наоѓаат два доста интересни и невообичаени музеи. “Музејот на илузија” и “Музејот на распаднати врски”, и двата се наоѓаат во центарот на Загреб. Јас го посетив само Музејот на илузијата, и морам да признаам дека беше доста интересно искуство и навистина се забавував.

 

 

Национален Парк Плитвице

Превоз:

За време на летниот период има директен автобус од Загреб до Плитвичките езера. Картата чини околу 19 евра, повратна. Влезот во паркот е 23 евра во висока сезона. Патувањето трае околѕ три часа. Откако ќе пристигнете во Националниот парк и ќе почекате ред за да влезете, ќе може да се опуштите пешачејќи помеѓу зелената придода, езерата и водопадите. На лето тука е навистина убаво, далеку од градот и од пеколните температури. За жал капењето во езерата е забрането.

Каде да јадете:

Во паркот има неколку ресторани, но јас не би ви ги препорачала. Се работи за типични места за туристи со напумпани цени. Затоа препорачливо е да си го подготвите ранецот со храна и вода, се додека не излезете од паркот. А откако ќе излезете и ќе тргнете накај автобуската за да го чекате автобусот за накај Загреб преку еден дрвен мост, на само 100 метри има едно ресторанче што се вика “Личка Куќа”, е тука навистина вреди да ручате и да платите нормални цени. Специјалитетот на куќата е телешко под вршник.

Личка куќа

 

Сместување:

Во самиот парк има нешто слично на Хотел, но сепак доколку сакате да спиете блиску до Националниот парк и да не платите многу, обидете се во некои од приватните куќи во блиските селца кои што изнајмуваат соби за сместување.