Ден 1:
Скопје – Венеција – Мадрид – Лима
И конечно еве ме над Лима, после 11часа и 30 мин летање, си ветив сама на себе дека ќе направам се за да вреди оваа авантура. Слетуваме со елеганција, без никакви нагли потези, пилотот овој пат има 10ка од мене, после толку многу летови во толку кратко време си давам за право да ги оценувам пилотите по нивното полетување и слетување.
Лима, конечно! локално време 18.50h.
И јас како и останатите молам бога само куферот да слетал со мене, надалеку прочуено е дека аеродромот во Мадрид е еден од најпознатите каде што многу често куферите исчезнуваат. Излегувам од авион и поминувам без никаков проблем, македонските државјани може да патуваат во Перу без виза и да останат 3 месеци, препорачано е да се прими вакцина за жолта треска (која што во Македонија ја нема веќе 2 години) но сепак на аеродром никој не бара потврда за тоа. Кога си го здогледав куферот уште од далеку, ми дојде срцето на место.
Пред да заминам за Перу, читав многу, ама премногу, и сето тоа звучеше многу опасно, преопасно. Од типот на: кога ќе стигнеш на аеродром немој воопшто да излегуваш надвор од аеродромот, мора да земеш такси на самиот аеродром (читај да платиш тродупло), тоа е најсигурно, затоа што надвор од аеродромот според работиве што ги читав изгледаше дека те чека некој баш тебе да те запука и да те ограби. Како тоа демек ако те видат надвор од аеродромот, и дека сите туристи по некоја логика се богати, ќе те следат до хотелот кај што ќе одиш и во наредните денови ќе те ограбат, и многу други слични приказни. Арно ама, среќа, кaко што ме дал Господ дружељубива, јас си имав локален пријател во Лима, така да куферот во една рака, ранецот на грб, другар ми пред мене си искочив јас од аеродром, надвор топличко, пријатно и мирис на море во декември. Одам јас по другаров, го следам , гледам наоколу нормално си се шеткаат луѓе, таксисти на сите страни ти нудат превоз. Поентата е да искочиш од аеродром да се одалечиш малку од гужвата и таму ќе најдеш такси по локална цена, но секако треба да внимавате дали на таксито има некаква ознака и секако да го погледнете убаво таксистот.
Во Перу првото нешто што го учите е дека за сè треба да се ценкате, ама буквално за сè! Нема качување во такси додека не ја договорите цената, секогаш, правило број 1, затоа што во такси возилата немаат таксиметар, ниту пак е организиран такси превозот, кој стигне тој вози, затоа е препорачлива мала доза на внимателност, но секако не е како што е опишано на некои портали за патување.
Во Лима има неколку познати и безбедни населби, сепак во градот живеат повеќе од 10 милиони жители и има многу криминал и опасни населби. Една од тие населби е Callao (Каљао), која што се наоѓа веднаш до самиот аеродром, поради таа причина секогаш сè што имате со себе го ставате долу кај нозете за “не дај боже” ако на семафор некој ви отвори врата или прозор да не ве ограби. Откако ја поминавме првата опасна населба се спуштивме на автопатот покрај океанот кој води директно во мојата населба, Мирафлорес. Мирафлорес, Сан Исидро, Баранко, Сурко, се едни од најпрепорачливите места за сместување во Лима. Како се приближувавме се повеќе и повеќе до Мирафлорес, се забележуваа се повеќе и повеќе модерни висококатници, ресторани и барови, и скоро после 50 минути возење еве ме пред мојата зграда, а наоколу веќе забележав многу бесни и јаки коли, модерни згради и веќе ми беше јасно каде се наоѓам. Излегувам од такси и оп еден господин (да не речам сењор по шпански) ми отвара врата, ми го зема куферот и ми помага да влезам во влезот, тоа да ти бил нашиот домар, чувар, вратар, носач на ѓубре, се. Секоја зграда во мојата населба имаше 24ч домар, кој беше буден во секое време, да ти ја отвори и затвори вратата, да те испрати на доручек , да те дочека од искачање во 5ч сабајле, и бесконечно да ти повторува буенос диас, ола, комо естас, и три пати да искочиш во рок од два часа три пати ќе те поздрави, да му падне дури незгодно на човек да искочи. Таа вечер немав време за ништо, освен да си легнам и да се наспијам, затоа што другиот ден ме чекаше директен лет за Куско…