За Сахара сепак се одлучивме да одиме во сопствена режија и да ги избегнеме стандардните тури за туристи. За да стигнеме до Merzouga фативме ноќен автобус од Фез, патувањето трае околу 10 часа со попатни паузи и пристигнувате во пустината рано наутро околу 6 часот, билетот во еден правец чини 170 дихрами т.е. околу 17 евра.
На самата автобуска не чекаше нашиот шофер кој требаше да не однесе до хотелот. Дечкото збореше едвај малце шпански па успеавме некако да се разбереме, требаше да не вози со џипот околу 20 минути до хотелот, кој што се наоѓаше на почетокот на дуните, ова беше еден од поскапите хотели што ги плативме во Мароко, но сепак вредеше и беше незаборавно искуство.
Со оглед на тоа што стигнавме рано, дечките од хотелот ни излегоа во пресрет да ни ја дадат собата што е можно побргу а во меѓувреме не понудија со чај од нане и ни рекоа дека доручекот не чека покрај базенот. Хотелот има прекрасен базен со поглед на пустината.
Во хотелот имавме доручек и вечера но не беше вклучен ручекот и било какви пијалоци. Сепак литро вода беше околу 1.50 евро, овошна салата 1 евро, цените не беа воопшто скапи. Хотелот беше преполн со шпанци и португалци, имаше и доста екипи кои правеа фотосесии за модни каталози.
Хотелот нудеше и доста активности од типот на јавање на камила, бордање на песок, возење со џипови, тури во околните селца итн. Ние се одлучивме за лежерен пустински одмор, преку ден на базен а приквечер јавање на камили и бордање. (јавање камили на зајдисонце чинеше 15 евра, а изнајмување на борд за цел ден 10 евра) Бедуините се навистина прекрасни луѓе, секој од нив зборува барем четири јазици, гледаа на секој можен начин да ни удоволат и да ни го направат одморот поубав, на крај дури и ни дадоа вода за по пат, да ни се најде, работат на доверба и им веруваат на гостите.
Ноќта во пустината е едноставно магична, ѕвездено небо како што не сте виделе и огромна полна месечина која полека се извива нагоре од зад дуните, чиниш се наоѓаш на врвот на светот, а во позадина традиционална музика и опуштена атмосфера. Локалните луѓе што ги запознавме ни раскажаа колку ја обожаваат пустината и дека таа е нивниот живот, едноставно се пресреќни со тоа што го имаат. Излишни се сите зборови и описи за пустината, тоа е нешто што треба да се доживее, а јас ќе се обидам барем малку од малку да ви го доловам нашето незаборавно пустинско искуство преку фотографии.