Ouarzazate се наоѓа на половина пат помеѓу Мерѕуга и Маракеш. Оурзазате е мало место, но е доста познато поради неговата околина, каде се наоѓа филмското студио Атлас, каде што се снимени многубројни светски познати филмови, како Гладијатор, Клеопатра итн.
Автобусот од Мерѕуга тргнува во 8.30 и стигнува накај 15.30 , билетот чини 14 евра во еден правец. Патот кој води до Оурзазате делува баш филмски, од угорници и удолници од двете страни пустини и чат пат ќе се појави по некоја оаза или некое мало селце. Центарот на Оуарѕаѕат е малечок и доволни се само неколку часа да го разгледате, главниот плоштад Мухамед V, казбахот и музејот на филм.
Во Оуарзазате климата е навистина поволна, тука има дури 340 сончеви денови во годината, и токму поради тоа во моментов се гради една од најголемите централи за сончева енергија, токму тука. Најдобрата варијанта да ги видите сите места во околината е да си изнајмите такси со приватен шофер кој ќе ви биде на располагање цел ден и ќе ве однесе на сите места.
Поради недостаток на време, ние се одлучивме да изнајмиме такси за полудневна екскурзија ида го посетиме филмското студио Атлас, влезница 5 евра, тврдината Ait Ben Haddou, оазата Fint и Kasbah Taourirt, влезница 2 евра. Целодневните тури ја вклучуваат и долината на розите и кањонот Todgha Gorge. Таксито за пола ден не чинеше по 25 евра од човек, сепак мислам дека не се исценкавме доволно.
Крајот на месец мај беше навистина топло, така што не можевме да се задржуваме долго време на отворено и затоа решивме да посветиме повеќе време на оазата во која што растат бадеми, урми и грозје, а наоколу имаше куќички каде што сеуште си живеат локални луѓе кои што на времето биле робови во казбахот а потоа се преселиле и го основале селото во оазата.
На излезот од оазата има и еден хотел чија што тераса нуди панорамски поглед на оазата, на тераста имаше и базен кој можеше да се користи со доплата од 2 евра. Во близина на оазата Fint се наоѓа едно друго мало селце каде што Бред Пит снимал дел од филмот Бабел и донесол електрична енергија како донација за селото.
Дефинитивно градот е познат по многу филмови па затоа и решивме да го посетиме студиото Атлас. Влезот во филмското студио чини 5 евра со вклучен водич, дечкото беше навистина духовит и цело време кажуваше некои смешки за филмовите и за сцените што биле снимани таму, има уште едно филмско студио на еден километар после Атлас, CLA студио – но со оглед дека и таму се наплаќаше влезот а немаше премногу работи за гледање се одлучивме да не влеземе.
Од Атлас се упативме кон тврдината Kasbah Ait Benhaddou, под заштита на Унеско, казбахот е изграден од тули и кал, денес е голема туристичка атракција, тука се снимени повеќе од 10 филмови меѓу кои и филмот Гладијатор, уличките на казбахот се полни со продавнички и традиционални производи, може да се искачите до врвот и од тука да имате прекрасен поглед на целата околина.
Морам да напоменам дека таксистот е потполно на ваше располагање така што застанува секаде каде што ќе му кажете, нас не застана и на сред автопат од каде што имаше многу убав поглед на планините Атлас. За крај посета на казбахот Taourirt, едноставно прошетајте се по малите тесни улички каде што сеуште живее локално населени, а од спротива на казбахот се наоѓа Музејот на филмот, но бидејќи ни рекоа дека внатре нема ништо посебно, па затоа не ни влеговме.
Вечерта се прошетавме во центарот на Оурзазате и седнавме да јадеме во едно од многуте ресторанчиња на главниот плоштад, цените не беа многу високи, кускус беше 3 евра а кока кола 0.70 центи.
На враќање се прошетавме низ маалото во кое што беше сместен нашиот риад Дар Рита, навистина интересно маало, полно со занаетчиски дуќанчиња, маалски продавнички, чиниш го отворил прозорот од соба а внатре си направил продавничка, маалска фурна која што навечер вади тазе печено лепче, деца растрчани на сите страни, толку многу деца немам видено во ниту едно маало, а кога не видоа нас со апаратот во рака не опколија и они да се сликаат со нас, навистина извонредно маало кое што барем на момент ќе ви го долови вистинскиот дух на градот Оурзазате.