За да стигнеме до градот Uyuni фативме ноќен автобус од La Paz, сите луѓе што ги сретнавме ни ја препорачаа компанијата Cruz del Norte како компанија која има најсигурни и најмодерни автобуси. Во Боливија и во Перу, пред да се качите на автобус секогаш се запишувате на една листа со име, презиме, години, бр на пасош, професија и од каде доаѓате, за сваки случај ако не дај боже нешто бидне они да си имаат црно на бело одма кој бил и што бил. Автобуските несреќи се многу чести во Боливија, безбедноста е на најниско ниво и многу често се случува автобусите да бидат запрени на сред пустелија и ограбени, дури и додека спиете во автобусот треба цврсто да си ги држите ранците со вас, затоа што може да не ги најдете откако ќе се разбудите.

Билетот од La Paz до Uyuni чини околу 140 боливијанос во наши денари околу 1000 денари, патување кое трае 10 часа, и имате седиште кое што се претвара буквално во кревет, 180⁰ ! Си викаш види овие какви патишта никакви ама автобусот врв. Пред да ги купиме картите младичот на автобуската ни кажа дека во автобусот има и тоалет и дури и интернет. Бинго. Искрено претходните деновие запознавме доста луѓе што се враќаа од Uyuni и сите, ама баш сите не предупредија за патот, дека е многу лош, дека нема асфалт, и дека автобусот се ниша цело време лево десно. Ама некако се си мислев дека малце преувеличуваат, се додека не дојде часот кога јас требаше да се качам во бусот. Значи влагаме, се раскомотуваме на удобните седишта, каде што имаше дури и ќебенца за покривање, проверуваме одма дали има интернет, има, и за некои 10 минути тргнуваме. За 5 минути откако тргнавме интернетот почна да се намалува а за 10 веќе го снема, хах, финта ! Оди па буни се сега кај дечкото што те излажа, а шоферот си крева раменици и вика јас незнам зашто не работи интернетот. Ок. Се помиривме со тоа и решивме да спиеме затоа што беше веќе ноќе. По извесно време решавам да одам во тоалет и тука имаш момент кај што си викаш НО ВЕЈ! Тоалетот имаше прозор од горе до доле, да можете слободно да уживате во панорамата додека сте во тоалет а богами и од надвор да си мафнете со некој од случајните минувачи. Боливија и се е можно. Откако го пребродев ова траги комично искуство и решив да чекам сепак да застане автобусот на некоја бензиска, успеав да заспијам со ранецот цврсто гушнат во раце. Не помина многу време и ме разбуди прашина и чувство дека се гушам. Шоферот возеше 100 на саат по една планина со кривини и пат без асфалт а автобусот само се навалуваше де на едната де на другата страна, кочам јас со нозе ама џабе, почнав навистина да се гушам од прашината и да ме фаќа паника ама успеав некако да издржам.

Ден 1.

05.00h Uyuni  – Стигнавме еден час порано, па со таа брзина мислам добро и што воопшто стигнавме. Се симнуваме од автобусот и тука имате навала од луѓе што се обидуваат да ви продадат тура за во солената пустина Salar de Uyuni. Имате тури од 1, 2, 3 или 4 дена. Ние ја земавме таа од 3 дена, за 90 долари, се вклучено. Се патува три дена само со џипови, во џипот има по 6 патници и плус шоферот, а понекогаш и готвачката. Првата вечер се спие во хотел направен од сол, хотел да не речам хостел, затоа што собите ги делите со останатите луѓе од вашиот џип. Бидете подготвени три дена да живеете во природа, без интернет, без сигнал на мобилен, без струја и без топла вода.

Најголем дел од туристите таму беа Бразилци, одлично, се знае кај што има Бразилци не може да ти биде досадно. Во нашиот џип се погодивме со еден пар од Бразил и со еден пар од Боливија. Нашиот чичко шофер Роберто, едно фино човече, кој што ни беше и мајка и татко, и водич и шофер и готвач и слуга и све за тие три дена. Толку беше фин што понекогаш и на глава му се качувавме, кај сакавме таму застануваше. Робертооо  обожаваше да си слуша регетон додека вози и затоа еве до ден денес јас сеуште не можам да извадам некои песни од глава, а кога не слушаше регетон, слушаше некои ептем традиционални шупелки од Боливија. Готвачка немавме, затоа што Роберто го биваше и за тоа.  Сите велат дека за оваа тура е многу битно да ви се погоди  шоферот, да не речам најбитно, затоа што како што кажав он ви е сè. Доста внимателно треба да изберете со кого одите затоа што голем број од шоферите си потпивнуваат и доста често во толкава пустина се случуваат и несреќи.

Гробишта на возови

Се товариме на џипот, ранците горе а со нас само најбитното и тргнуваме. Се претставивме кои сме што сме, и сепак мнозинството победува и Роберто одлучува да цепа само на шпански, као знаел демек и англиски ама повеќе со раце мафтање се разбирал на англиски. Ок, супер, ако сега не го усовршам шпанскиот нема кога, и искрено така и беше. Првата станица  беше посета на Гробиштата на возови, каде што сите џипови одат први и навистина се ствара многу гужва и дури одвратно, како сите трчаат, скокаат, и што ли уште не за да имаат поинтересна слика. Среќа после оваа прва станица, џиповите (кои што тој ден беа 50, висока сезона јбг) си одат секој на своја страна. Следната станица беше влезот во солената пустина. Го сонував местово со години, читав многу и по цели денови гледав слики, ама откако стапнав таму навистина сфатив дека залудно е да гледате слики и да читате, местото е едноставно БЕЗ ЗБОРОВИ. Илјадници километри на солени шестоаголници, мајка природа,  застанавме на сред пустина да го видиме споменикот на Дакар направен од сол и островот на знамињата и секако да направиме по некоја фотка, а од тука се упативме кон островот на кактусите.

Salar de Uyuni, Inkawasi, Островот на кактусите

Во меѓувреме Роберто ни раскажуваше за солената пустина и за тоа како они се ориентираат според планините каде да се движат. Кога е дождлива сезона (читај најубава сезона, зошто тогаш пустината се прави како огледало) може да се стигне само до островот на знамињата, поради водата. За крај на првиот ден од турата го оставивме сликањето, фамозните слики од оваа пустина и лажната перцепција, навистина искачаат луди и интересни слики, ама затоа Роберто бр.1. усовршен со секакви будали, само ни даваше идеи како да се сликаме и ни кажуваше кој што се праел, ама дека сепак најлуди биле Израелците. Успеавме да застанеме на сред пустина и да го гледаме зајдисонцето, ние, џипот и зајдисонцето…

Salar de Uyni

После половина час возење стигнавме во солениот хотел, а внатре џунгла. Имаше еден продолжен кабел за 50 луѓе, одам гледам се полно, а сијаличките на елката светат, на никого не му текна да ги исклучи па така ја си заработив слободно место за полнење, и на сета среќа Бразилецот од нашиот џип си носи секад продужен кабел со себе па ни се отворија уште 5-6 слободни места за полнење. Тоалетот беше еден со три вц шољи за 50 луѓе. Секој џип си имаше своја округла маса, каде што шоферот готвач доаѓаше да ги послужи. Само нашиот џип го седнаа на една огромна маса со уште 10 Бразилци. Прво не послужија со чај од кока и колачиња а потоа Роберто ни ја донесе вечерата, у меѓувреме смеење со откачените бразилци. После вечера сите во кревет, затоа што сабајле будење во 5 и продолжуваме кон лагуните и националниот парк.

Ден 2.

Добро утро, маратон за во тоалет, и доручекот не чека, топло чајче од кока, мармалад, житарици и лепче. Се пакуваме, ги качуваме ранците на џипот и продолжуваме. Искочивме од солената пустина и не пречека една дива недопрена природа, рекичка со бистра планинска вода, трева како мов и наоколу лами кои што мирно си пасат.

Се губиме така низ пејсажите со лами и планини едно два часа и пристигнуваме на пауза во едно село на 5000 метри надморска височина каде што во локалната продавничка продаваа пиво од мед, тука баш во селово падна муабет меѓу сите Бразилци дека јас сум од Македонија ВАУУУУУ  првата што ја запознале, дури едниот пишувал и книга и ми рече дека и јас ќе се најдам во неговата книга. Ок заврши паузата не собра Роберто и продолживме по патот, се спуштивме на пониска надморска височина и повторно од нигде никаде стигнавме во едно селце забутано , во форма на коцка со улички вертикално и хоризонтално и ниски куќички и женички во традиционална облека, пустелија, ама на сред село продавничка и реклама кока кола. Излезе Роберто од џипот, затропа на една врата и ни рече ајде дојдете тука ќе ручаме. Јас прашав што има за јадење денес, дали повторно ќе јадеме пиле, и он ми рече да, ама ако сакаш за тебе ќе зготвиме и нешто друго, што е тоа нешто друго не можевме да се разбереме па ги прати децата до продавница да купат и да ми покажат дали сакам такво. Еве ги децата идат со виршли во рака хахахахахаха неее викам ок е, ќе јадам пиле и јас како другите. Јадењето беше доста вкусно, дури ни дадоа и паста и ориз, а за десерт секогаш имаше овошје.

Планинско село

После ручекот повторно продолживме по патот, заборавив да кажам дека цело време џипот беше преполн со прашина, беше топло но невозможно да се отвори прозор. Прашина, прашина и само прашина, на моменти ќе залутаме по некој пат кај што ќе си речеш ова не води никаде, и наеднаш пред нас огромна планина и некоја бела или сина лагуна и внатре фламингоси, се прашуваш дали сме уште на планетава земја или на сосема друга планета.

Uyuni

Како времето да застанало, имаш буквално време да уживаш во тишина и да размислуваш за се или едноставно да се исклучиш и да медитираш. Од една до друга лагуна, секакви животни и птици, стигнавме до Националниот Парк каде што се наоѓаше црвената лагуна преполна со фламингоси.

Црвена лагуна

Тука останавме да преноќиме во еден планинарски дом, за среќа имавме наш тоалет за 6 луѓе но секако без топла вода и без струја. Си легнавме одма после вечера, затоа што другиот ден требаше да станеме во 4 часот наутро за да одиме накај Гејзерите.

Ден 3.

Geisers, Uyuni

Добро утро, доручек, ранци на кров, веќе уходани, тргнуваме. Изгрејсонцето го дочекавме на Гејзерите, гледаш и повторно се чудиш што све извидовме у рок од три дена и некако ништо не ти е јасно, искачаат гасови од сите страни, ама времето коска ладно и ветер северен. Од тука се качуваме назад у џипот и продолжуваме накај термалните води, накај зелената лагуна и накај песочната пустина на граница со Чиле. Повторно прашина, почнувам да се чуствувам без сила, грлото ме боли и упорно продолжуваме да дишеме само прашина. Напорно е, многу е напорно ама вреди за сите пари тоа што ќе го видите. Третиот ден е некако најкраток, затоа што најголем дел од денот го поминувате враќајки се назад накај градот Ујуни. Последна дестинација пред тргање назад ни беше зелената лагуна, која што пола припаѓа на Чиле и се наоѓа на тромеѓето со Чиле, Боливија и Аргентина.

Laguna Verde, Uyuni

На еден час се наоѓа границата со Чиле каде што ги истоваривме нашите пријатели Бразилци кои што продолжуваа накај Чиле и пустината Атакама, а ние правец назад. Како за беља на враќање назад имаше страшна сообраќајка помеѓу два џипа, едниот шофер беше тотално заглавен под шофершајбната и среќа имаше докторка помеѓу туристите па помагаше како да го извадат додека еден џип отиде до првото село каде што има мобилен сигнал за да викнат брза помош. На враќање уствари дознавме дека скоро секогаш еден џип се следи со уште еден за не дај боже ако нешто се случи или се расипе да има резерва, и ете се случи нашиот џип да се расипе на сред пустелија али Роберто бивач за све го среди во неколку минути. За ручек повторно застанавме во едно село. После долги часови возење низ пустини, песок, реки ете стигнавме до некое гратче каде што имаше 10км асфалтен пат, проект финансиран од европска унија, но само 10 км и повторно се навративме на прашина. Кога конечно стигнавме на нешто што наликуваше на нормален пат, бевме веќе близу до градот Ујуни, а таму пак во полна пареа се спремаа со подготовки за релито Дакар, кое што започнуваше за една недела. И кога конечно се израдував дека ке имам интернет на неколку минути, ете ти цел град баш тој ден немал интернет ахахахах .

За назад накај Ла Паз повторно со истата компанија, ама овој пат немаше кревет седиште туку само полу кревет, автобусот преполн, па дури имаше и луѓе што купиле карта за да седат на подот. Повторно прашина и клатење лево десно, дали веќе се бев навикнала на прашината или уморот беше посилен од се, ама овој пат спиев цел пат без проблем.

Ова беше едно од најубавото, најстрашно и најавантуристичко искуство за време на моето патување во Јужна Америка, за сега толку а за некој месец се надевам се слушаме од Бразил и Аргентина.