Имав можност да поминам скоро месец дена во Лима и вистински да го почуствувам животот во овој град и да постанам бар малку Лимења (жителка на Лима). Живеев во стан со уште еден Перуанец и една Aнгличанка, и најголем дел од времето зборев на шпански. Мојата зграда се наоѓаше на пола блок од океанот и на два блока од второто најпосетувано место во Лима, како што често се шегуваат тука, трговскиот центар Ларкомар. Уникатен трговски центар изграден во карпа над самиот океан, не е препорачлив за шопинг за луѓе со плиток џеб, а внатре имаше доста европски брендови со цени два пати поголеми од тука. Но беше одличен за шетање, правење селфи над океан, уживање во некој од убавите ресторани и кафичи и секако користење на бесплатен интернет. А сега во кратки црти ќе се обидам да ви ја доловам Лима.
Плоштадот на оружјето
Лима е прекрасен град, центарот на Лима изобилува со стари колонијални градби, особено градбите околу главниот плоштад, Plaza de Armas (Плоштадот на оружјето), главната Катедрала и Палатата на владата, каде што секој ден точно во 12ч на пладне се менува стражата и има цело шоу за без пари. Јас кога бев беше толку многу топло што решив да се засолнам на занаетчискиот пазар, каде што може да си купите разни сувенири, облека и други перуански тракатанци за многу добра цена, а истите во другите населби ќе ви ги продадат за три пати повеќе. Но да се разбереме мора да научите да се ценкате, јас најпрво мислев дека функционира како кај нас и како во Турција и како со црнците во Фиренца, арно ама не било така. Ја прашувам првиот пат теткатa: Амига куанто коста есто?, ми вика 30 солес, хммм се мислам јас демек, не викам многу ми е, -ајде 28 ми вика, неее многу ми е, ќе може за 15?, и она вика не, а јас си тргнувам да си одам убедена дека као црнцине ќе почне да трча по мене и да ме моли и да ми смалува. НЕ. Тука не те врти. Наредниот пат отидов на истиот пазар со еден пријател од Бразил и неговата другарка, имаше едни кукли типични перуански за некои 15 солес, и дечково полека смирено и вика, нада мено? (ништо помалу)? Она му вика ок 10. Дечкото почнува да ја гледа жално и да и кажува како патуваме од далеку и немаме многу пари, а баш би сакале да ја купиме таа кукла, ок му вика, 6. Продолжува Бразилецов, сењора немаме многу пари, а Божиќ е за два дена, другарка ми има мала ќеркичка дома која што со душа ја чека бла бла бла, ок ајде за 4.50, толку колку што имаше наумено да плати. НЕВЕРОВАТНО. Трпение и глума, и шпанска серија работава. Затоа тој ден оставив Бразилецот да купува и да се пазари за мене, чиста работа. И тој ден исто благодарение на Бразилците завршивме во една од најопасните населби во Лима бaрајќи ботаничка градина која не постои, Бразилциве црни слични на нив ама јас бела со апарат, наочара на мене се шетам гајле си немам , нешто као наша Шутка беше атмосферата, ама ете среќа како што дојдовме така си отидовме, со препорака од нашата другарка перуанка веднаш да се изгубиме од таму. Во Лима исто така се наоѓа и најголемиот парк со фонтани. А од населбите кои што мора да ги посетите е и боемската населба Баранко, одлична за денска прошетка и голем избор на барови и клубови за ноќно излегување.
Баранко – боемска населба
Лима има 10 милиони (регистрирани) жители, не мора да преведам колку Македонии се тоа, и сега некој ќе ми рече имало сообраќај во Скопје, или гужва на Партизанска, смешка. Уште првата недела за да си имам замисла во глава колкава е Лима, ме однесоа на еден мирадор (видиковец), Сан Кристобал, од тука ја имате вистинската слика колкава е Лима, голема е, многу е голема. Куќи, куќички, фавели напикани една во една, крај немаше, од сите страни на мирадорот иста глетка, игла нема кај да фрлиш. Патот до мирадорот беше низ една фавела, и затоа чичко шофер си кажа на микрофон да ги затвориме прозорите и да си ги ставиме апаратите под нозе, за сваки случај, он да си каже. Од центарот на Лима тргаат овие комбенца што те носат до видиковецот за 5 солес, вклучен водич, една сењора што збори само шпански, а комбето додека да тргне и доколку не е полно врти едно 5 600 круга околу плоштадот за да се дополни, и таман си реков еве полно е, дека веќе и зајдисонце дојде а ние уште не тргнати, ете ти собира уште луѓе, зашто имало невидливи столчиња низ пролазот меѓу седиштата. Ај диос, ама битно шоферот рокнал до даска: есо но ме густаaaa
Видиковец Сан Кристобал
- СООБРАЌАЈ
Дива лига, неорганизација левел 1000, подземно метро нема, коли колку сакаш. Автобускиот превоз е посебна приказна, има комби кое што за 1 сол те носи кај што сакаш, нешто као наша 12ка ама ова застанува уште повеќе од 12ка, кај сакаш таму те зема таму те остава, има еден чичко виси на шипка со една нога надвор со една внатре и само се дере собира патници и кажува станици, а на моменти проаѓа да собере и парички. Потоа има еден син автобус незнам као се викаше, е тој е малце поцивилизиран и малце поскап, и третиот е Метрополитано, автобус кој што се движи по еден вид на автопат низ градов каде што нема многу гужва демек по улиците и затоа метрополитано, демек као метро, ама затоа внатре гужва за сите пари, овој се плаќа дури 2.50 солес. За да искочиш само од една населба со комбито на пример ти требаат околу 40 минути, а за да стигнеш до стариот дел на градот околу 2ч. За таксито веќе раскажав каква е работата, но не раскажав дека во помалите и сиромашни населби и во селата и помалите градови низ Перу постои мото такси, мото такси ти е мотор на којшто има две седишта позади но за сета среќа е покриен.
Мото такси, а внатре се слуша исклучиво гласен и тежок регетон
На крај остануваат сиротите пешаци, ако си странец као мене и не знаеш како функционира ќе си плачеш првите денови, ама стварно ќе си плачеш и ќе си речеш каков идиот сум не знам ни улица да поминам. До супермаркетот имав за поминување три не толку главни улици, правев список секој ден да не заборавам нешто и да не се враќам два пати затоа што тешко мене, никој не застанува, семафори ретко, пешачки исто така, ме гледа во очи ми се плаче не можам да поминам, си се смешка и шиба. Ама затоа после еден месец , три улици за три секунди ги поминував, тајната не ја откривам, на лице место се учи.
- ЛУЃЕ
Луѓе секакви, мали, дебели, слаби, типични перуански фаци какви што мислев дека се сите, ама и високи, убави, згодни, европски перуанци, богати, сиромашни, од се по нешто видов и запознав. Перуанците по природа се многу мил народ, за разлика од нивните соседи од Боливија. Имав шанса уште од одма да се дружам со локални луѓе, и замислете запознав едно девојче, чии што родители беа толку воодушевени дека јас сум од Македонија и цело време ме викаа на ручек, на базен, на прослави. Една работа да разјаснам, немаше еден човек што не знае за Македонија, најрпво ме изненади такси возачот, дечко со средно образование, начитан историја, почна да ме прашува за проблемот со Грција и за походите на Александар Македонски, извини му викам , ама ја со историјава и датумиве не сум многу запознаена, срам ме фати. Еден ден се шетаме поред океан, и една тетка полицајка што си стражари не застана на муабет, кај сте што се, Македонијаааааааа, нема шанси, почна жената за рака да ме фаќа, не и се верува сретнала човек од Македонија, од толку далеку, па ајде објаснувај како тоа јас сама девојче сум отишла таму, како ме пуштиле од дома, кај живеам тука, што јадам, и ми вика на крај, абе и јас имам и ќерка и син, ама ќерката не би ја пуштила вака, син ми може ахахахха е викам женава сигурно има некое балканско потекло. Од 40тина луѓе што ги сретнав 40 знаеа за Македонија, една Бразилка дури и ми кажа дека бившиот дечко на мајка и бил “македонец” од Швајцарија. Отидовме на сред езеро на 5000м и ете ти пак еден Бразилец ме прашува ти од кај си, од Македонија викам, ееееј Скопје, супер, идам натака во Јуни вика па може пак ќе се видиме ахахахах а стигнувам во Италија и италијанката на автобуска ме прашува, а тоа Македонија далеку е многу? Тоа е што е, туку да се навратам на муабетов за перуанциве, многу фин народ, весел народ. Младината многу смирена и ниту еден не ми се пожали дека нема работа и дека сака да си оди од државата. А пак навечер кога излагаат немам зборови за да ви опишам како се забавуваат и дружат. Капа доле. Во мојата населба доста богати перуанци, на секоја втора зграда кров со базен, разбрав дека живеам во една од најдобрите населби. Трчаат и вежбаат во парковите покрај океан скоро цело време, дење , ноќе, а преку ден сите на сурфање, возење велосипед и пливње во океанот. Доста во мода им е slackline, т.е. одење по јаже. Во Лима убавите плажи и добриот ноќен живот се наоѓаат на југот од Лима, а до таму саат време со кола.
трговски центар Ларкомар Паркот на љубовта
- ХРАНА
Сите перуанци ќе ви кажат дека ја имаат најубавата храна во цела Јужна Америка, мене ми е многу жал што јас не го делам истото мислење ама нивната храна не ме воодушеви премногу. Јадат мноооогу пилиња, цело време пилиња, ама не, овие биле перуански пилиња на посебен начин, ок викам ајде да не бидам лоша, убаво е, ама па цело пиле коа ќе ми го ставиш во тањир јас не знам како да го јадам, јас го сакам само белото, ама иди па разбери се. Најпознатиот пилешки специјалитет pollo a la brasa.
Pollo a la brasa, pisco sour i chicha morada
Перу произведува многу пченка и компир, има милион видови на пченка и затоа ја ставаат со се, искрено пченката ми се допадна многу. Исто така имаат многу јадења на база на риба, едно од најпознатите е ceviche (свежа риба, со лимон, со пченка, со благ компир, со зачини, со све), јас не сум тип што обожава многу мешаници во еден тањир па може и затоа не им ја бендисав многу храната.
CevicheДруг познат специјалитет е corazon de vaca (срце од крава), вкусот потсеќа на пржен џигер.
Corazon de vaca, срце од крава со нивното најпознато пиво Cusquena
Од благите работи не успеав да пробам многу, пробав пикаронес, како тиганици направени од брашно од компир и прелиени со мед, доста вкусно.
Picarones, тиганици од брашно од компирИнаку чоколадото во Перу е доста скапичко. Од пијалоците најпозната им е Инка кола, секако произведена од кока кола, вкусот е како наша Струмка, ама ова повеќе удира на чунга лунга. Чича морада е сок кој што се прави од виолетова пченка, и сето тоа се меша со ананас, лимон, цимет, преубав сок. И секако најпознатиот коктел од Перу е Pisco sour, кој што се прави со pisco, лимон и белка од јајце, исто така ми се допадна. Имаат многу разни врсти на убав леб и пецива, но да напоменам дека супермаркетите се прилично скапички.
И за крај Лима е навистина убав град што нуди разновидна забава, безбројни активности и во Лима никогаш не може да ти биде досадно, затоа што секогаш има толку прекрасни и интересни луѓе наоколу што ќе успеат да го задржат вашето внимание.
Следна станица: Пуно, Езеро Титикака и Боливија