Мантова е мало италијанско гратче кое што се наоѓа на само половина час од Верона. Доколку сакате да видите нешто поразлично од она што го нудат агенциите а сепак да го почуствувате духот на едно типично италијанско гратче, тогаш Мантова е вистинскиот избор. Доволни ќе ви бидат два дена за целосно да го разгледате градот и да уживате во храната и традицијата.
Како да стигнете
· Скопје – Тревизо -Скопје со Wizzair
· Скопје – Милано – Скопје со Wizzair
· Тревизо – Венеција/Верона – Мантова со воз www.trenitalia.it (12-22 евра)
· Милано – Мантова – со директен воз (11.50 евра)
Што да посетите
· Piazza delle Erbe – е еден од многуте плоштади раштркани низ градот, за мене еден од најубавите, тука може уживате во убавата архитектура насекаде околу вас, на овој плоштад се наоѓа и саат кулата со астрономски мотиви. На овој плоштад, еднаш неделно се одржува и пазар на отворено, каде што може да најдете се, од храна до облека.
· Piazza Sordello – е главниот плоштад, каде што се наоѓа и Дуомото, т.е. главната црква на градот. Интересно е што целиот плоштад е направен од калдрма, па многу често луѓето тука се шегуваат, доколку сакате бесплатна масажа на стапалата одете на овој плоштад.
· Castello San Giorgio – е замокот кој што се наоѓа веднаш после главниот плоштад. Во овој замок е сместена “Camera degli sposi” (собата на младоженците), ремек дело на Андреа Мантења, подарок за тогашното владетелско семејство Гонзага.
· Basilica di Sant’Andrea – базиликата на Сан Андреа, се наоѓа на плоштадот Ербе, дело на Леон Батиста Алаберти. Има карактеристична голема ренесансна купола и камбанарија во готски стил. Ова е најголемата црква во Мантова и воедно најпосетувана од страна на жителите. Се верува дека токму во оваа црква е зачувана ампула со крвта на Исус. Скалите на самата црква претставуваат збирно место за многу луѓе и претежно младите се дружат и се среќаваат токму на ова место.
· Casa di Rigoletto – се верува дека тоа била куќата на познатиот дворски шут Риголето.
· Palazzo Te – оваа палата е една од најпосетуваните во градот Мантова. Тука денес се одржуваат многубројни изложби и манифестации. Една од најпознатите простории е Sala dei Giganti, тука се наоѓаат едни од најубавите фрески, дело на Џулио Романо. Во оваа просторија е снимен и дел од спотот на Џованоти, за песната L’ombelico del mondo.
· Parco naturale sul Mincio – Mincio е реката која што поминува низ градот Мантова, една од притоките на реката По. Долж реката е изградена велосипедска патека која води се до езерото Гарда. Навистина убава природа и можност за спорт и рекреација. Мантова и околината изобилуваат со прекрасни места кои што се одлични за прошетка со велосипед
· Festival della Letteratura – Во Мантова, секој септември, се одржува Фестивалот на Литературата. Воедно ви препорачувам да го посетите градот во тој период. Градот за време на фестивалот е преполн со луѓе и познати писатели и уметници од целиот свет. Ова е воедно и еден од најголемите фестивали во Италија од ваков тип. А пак настаните организирани за време на Фестивалот се одржуваат во сите најпознати градби, цркви и палати низ градот, кои што ги отвараат вратите за посетители само за време на фестивалот. Целиот град здружено волонтерски работи на овој фестивал и овозможува навистина едно несекојдневно и незаборавно искуство, не само за постарите туку и за најмладите.
Што да јадете
· Тortelli di zucca -тортелини полнети со тиква и наросени со пармезан. Имав можност да го пробам овој специјалитет, приготвен во домашни услови, и навистина немам зборови. Едноставно одлично и превкусно.
· Risotto con i saltaréi – рижото со ракчиња
· Polenta – разни видови на палента, дури има и палента на скара
· Torta sbrisolona – торта со вкус на бадеми и путер. Типично за оваа торта е што не се сече на парчиња туку се раскршува на мали делчиња
· Torta delle rose – едноставна торта на база на путер, се прави во форма на букет рози
Каде да спиете
Во Мантова има неколку хотели, и повеќе B&B. Цените се движат од 20 евра па нагоре.
Што да си купите
Моја препорака е да си понесете за дома храна сувенир тортелини и торта sbrisolona !
Предлог патување Сицилија