Дали сте дел од оние патувачи кои што секогаш се обидуваат да доживеат поразлично искуство, наместо да одат право и да ги следат сите останати токму тие решаваат да одат десно и да се изгубат низ маалските улички и ресторанчиња. Кога станува збор за Рим многу луѓе ќе ви кажат дека тоа е можеби и невозможно, затоа што Рим е навистина супер туристички град и едноставно нема бегање од туристите. Благодарение на моето подолго патување во Вечниот град успеав да направам една кратка листа за сите оние патувачи како мене што сепак може да го доживеат Рим малку подалеку од туристичкиот хаос.

Ќе започнам со населбата EURИнтересно место за љубителите на архитектура и фотографија. До ЕУР може да стигнете со метро Б, станува збор за нормална населба, со згради, фирми и канцеларии каде што многу ретко ќе забележите некој турист. Тука може да се прошетате и изрелаксирате во навистина убав и простран парк, каде што од неодамна повторно е отворена градината на водопадите, и е навистина совршено место за одмор и пауза.

 

 

Откако убаво ќе се одморите, посетете ја Палатата на Италијанската цивилизација или попозната како “Квадратниот Колосеум”. Станува збор за фашистичка архитектура на Мусолини, инспирирана од оригиналниот Колосеум, шест хоризонтални редови секој со по девет свода. Внатре може да ја посетите постојаната изложба “Made in Italy”. Друга интересна градба во оваа населба е конгресниот центар “la Nuvola di Fuksas, каде што внатрешниот дизајн е во форма на облак.

 

 

Од ЕУР повторно со метро Б може да се упатите накај населбата Garbatella создадена за време на фашизмот. Тука ќе сретнете повеќе туристи кои што само се сместуваат во оваа населба но сепак претежно сите од нив денот го поминуваат помеѓу најпознатите туристички атракции во Рим, така да тоа ја прави и оваа населба одлична за бегство од ненормалните гужви. Во Гарбатела за прв пат после две недели во Рим, го почуствував италијанскиот дух, случајно завршив во еден бар да си ги наполнам батериите со едно еспресо од нога, но откако видов што се случува надвор решив да седнам на кратко. Во кратки црти, пред баров на металните столчиња беа поредени сите маалски баби и дедовци, а на самата улица се одвиваше локалниот пазар. Бабите и дедовците се убиваа од оговарање на римски дијалект, навистина уникатно искуство, особено за некој што го сака италијанскиот јазик и до некаде го разбира римскиот дијалект. Но освен ова, во Гарбатела може да посетите и едно местенце кое што изгледа како мало селце во населбата каде што се чини дека времето застанало во ‘20 тите и веројатно од тогаш до денес многу малку е сменето. Куќите се сеуште ниски и населбата е поделена со градини, дворови, перални и сушални кои што сеуште се во употреба. Тука задолжително е да зборите римски дијалект и да навивате за жолто црвените.

 

Од Гарбатела со автобус може да стигнете и до квартот Tor Marancia, нешто слично на наше Пролече, многу згради една карши друга и сите на едната фасада имаат огромен графит. Ако сте љубители на уличната уметност дефинитивно вреди!

 

Parco degli acquedotti е уште едно место каде што сретнав само некои залутани Јапонци а сите останати беа локалци кои дошле во паркот да читаат или да вежбаат. Парков е исто така дел од филмот “La grande bellezza”. Додека седите и кулирате на некоја клупа уживате во глетката пред вас – огромен добро сочуван аквадукт .

Testaccio е шема населба у Рим, ако сакаш да идеш по фенси клубови и барови дефинитивно тука ќе најдеш многу голем избор и ќе сретнеш доста локалци.

Pigneto е уште една од оние населби што на времето била позната како опасна, но сега станува алтернативно и многу привлечно место за аперитиво, културни случувања и ноќна шема, има еден куп барови и ресторани за сечиј вкус, и исто така има многу улична уметност.

Coppedè  е уште еден уникатен кварт во близина на центарот на Рим, поточно во близина на Villa Borghese. Во оваа населба се наоѓаат исто така и многу амбасади. Местото има неколку улички со згради и фонтани со невообичаена архитектура.

 

Бонус совети:

Ако сте љубители на графити, спуштете се покрај реката Тибар во близина на боемската населба Трастевере и повторно ќе уживате во уметност. И секако ако имате повеќе време на располагање никако да не заборавите да го посетите музејот на современата уметност MACRO и уникатниот музеј на уметностите на 21 век MAXXI