МАРАГОЖИ

Околу Марагожи (регион Алагоас) и Порто де Галињас (регион Пернамбуко) се наоѓаат едни од најубавите плажи во Бразил, некои луѓе дури ги нарекува и бразилските Кариби. За да стигнеме од Салвадор де Баија до Марагожи не чекаше прилично долг пат. 10 часа ноќно возење со автобус и плус уште два часа со такси од Масеио до Марагожи. Планот беше да одиме со локален автобус од Масеио до Марагожи но со оглед на тоа што имаше само еден автобус кој требаше да го чекаме добри 4-5 часа, решивме да си ја пробаме среќата со такси.

Во Бразил инаку, како и во останатите јужно американски држави мора да се ценкате за се, па така и за такси превоз. Изгубивме можеби еден добар саат у ценкање на португалски, за на крај сепак да најдеме нешто што ни одговара. Повторно ќе напоменам дека доколку патувате во група од минимум тројца, многу често ви се исплати да се движите со такси. По човек не фати околу 60 реалес.

Во Марагожи бевме сместени во Hostel Brazuka, сопствениците на хостелот беа аргентинци и воедно и хостелот беше полн само со аргентинци, За време на целото наше патување во Бразил,  многу ретко, скоро воопшто не сретнавме туристи од други континенти освен од Јужна Америка, најмногу Аргентина. Како и да е сместувањето беше ок, најосновно со вклучен доручек и без клима уреди во собите.

На ниту едно место каде што бевме немаше клима уреди во собите, строго вентилатори. Хостелот беше на сама плажа и во центарот на гратчето, и покрај тоа што Марагожи е навистина мало гратче. Од централниот плоштад тргнуваа сите комбенца кои што ве носат на околните плажи, по некоја смешна цена од едно или две евра. Тука веднаш осетивме разлика во цените, навистина како се качувате по накај север цените се пониски.

Првиот ден се одлучивме да ги посетиме плажите Praia de Antunes и Praia de Ponta de Mangue. Плажите беа навистина како од рајот: високи палми, сина тиркизна вода и бесконечна песочна плажа. И покрај тоа што бевме во висока сезона не осетивме голема гужва на плажите. Од една до друга плажа се стигнува пеш, а пејзажот се поубав и поубав, искривени палми, паднати кокоси и звуци на бранови.

 

 

Моја препорака е да си земете со вас по некој сендвич или нешто за поткаснување. На првата плажа имаше киоск каде продаваа вода, кокосова вода, пиво, смоки, но не видов нешто друго за јадење.

Марагожи

Вториот и последен ден во Марагожи го посветивме за посета на природните базени. Турата беше 90 реали, искрено не беше ништо посебно. Јас и претходно имав видено такви природни базени кои што се создаваат во сред океан и можеби затоа не ми беше нешто ново. Сите групи тргнуваат во одредено време, односно кога водата ќе почне да се повлекува, имаше распоред за секој ден кога има плима и осека. На сите слики базениве тука беа претставени полни со шарени рипчиња, но реалноста беше друга, видовме по некое рипче и толку.

Maragogi

Пливањето во базените опкружени со корали беше и малце зезнато, затоа што мало невнимание ако се удриш во коралот ќе биде како да си згазил на шајка. Вакви природни базени има насекаде во овие два региона, ама овие во Марагожи ни ги кажаа демек се сметале за најдобрите. Секој за своето си кажува дека е најдобро, така беше и во соседното место Порто де Галињас. После посетата на базените решивме да фатиме автобусче и да посетиме уште една позната плажа во тој регион Praia de Japaratinga. И тука глетката беше таа, многу палми и огромна плажа, но сепак плажата не беше многу чиста и не беше ништо посебна, па затоа едноставно седнавме во едно од многуте ресторанчиња покрај плажа и уживавме со по една каипириња.

Марагожи

Во Марагожи има неколку супермаркети, а доколку сакате да се храните надвор, покрај кејот има доста ресторанчиња и пицерии, цените се од 20 реали па нагоре.

Бразил

 

ПОРТО ДЕ ГАЛИЊАС

Порто де Галињас е одалечено од Марагожи околу 1 час со автомобил. И тука се собравме околу 4 луѓе и со комбенце отидовме до Порто. Цената по човек беше 25 реалес. Во Порто де Галињас останавме скоро 4 дена. Хостелчето каде што бевме сместени се викаше La Roca Beach Hostel. И тука го имавме најосновното и исто така беше вклучен и доручек, но имавме само еден голем проблем, повторно никој не зборуваше англиски. Во овој хостел за прв пат сретнавме неколку луѓе од Европа, дури и еден дечко со српско потекло, сретнавме и луѓе од Уругвај, стандард од Аргентина и останатите беа од Бразил.

Порто де Галињас

Хостелот беше на пет минути од гратската плажа, која беше преполна. Тука веќе осетивме што значи висока сезона во Бразил. Од што беше толку полна дури и некако не ни беше задоволство да поминеме таму ниту еден ден, па затоа се одлучивме и тука за околните плажи. Инаку природните базени во Порто де Галињас беа навистина блиску до плажата и до нив можеше да се стигне и со пливање, но залудно, со сета таа гужва не можете да уживате како што треба.

За разлика од Марагожи, ова гратче беше навистина поголемо и потуристичко, вриеше локални продавнички,  ресторани, кафичи, туристички агенции и продавници за сувенири.

Нашиот втор ден беше посветен на плажата Praia dos Carneiros, за која велат дека е една од најубавите десет плажи во Бразил. До плажата отидовме со тура, бидејќи као демек била дел од приватен имот и само така можело да се стигне до неа. Цената на турата беше 60 реалес. На плажата се наоѓа црквата São Benedito. И тука кога водата се повлекува ќе бидете сведоци на прекрани пејзажи. Ние решивме да изнјамиме даска за puddle и додека веславме во сред океан наеднаш заринкавме во песок, тоа да ти почнало да се повлекува водата и се прави патец од песок по кој што може да одите километри во вода, прекрасно искуство навистина.  Долж плажата има ресторанчиња и локални продавачи на кокос. Времето тој ден беше доста променливо но сепак успеавме да фатиме и сончеви периоди и да уживаме во тропската убавина.

 

Praia dos carneiros
Praia dos carneiros
Porto de Galinhas
Porto de Galinhas

Марагожи

Третиот ден во Порто де Галињас го посветивме на сурферската плажа Маракаипе. Од центарот на градот се стигнува за околу 30 мин пешачење по плажа. Е тука видовме огромни насади со палми, просто да те заболе глава од палми. Се сместивме во едно од многуте барчиња на плажа и тука останавме скоро цел ден, ручавме и гледавме како сурферите ги фаќаат брановите. Пред зајдисонце се упативме кон крајот на оваа плажа каде што реката се спојува со океанот, и повторно водата беше повлечена и глетката беше извонредна.

Бразил

Порто де Галињас

Четвртиот ден го оставивме за buggy турата за која што успеавме да се исценкаме 50 реалес по човек. Турата трае околу пет часа и ве носи на три плажи Muro Alto, Praia de Cupe и Maracaipe. Шоферот Жуба беше маалски фраер у градот, првак во сурфање на локално ниво, и како вози само крева рака да се поздрави со некого. Ако во некој од рестораните каде што правевме пауза нема место, Жуба одма врски со газдата прави место. Арно ама и Жуба беше слаб со англиски, скоро ич, па успевавме некако со мојот веќе добар португалски да си направиме муабет општо за животот во местото. Ми раскажа дека татко му имал потекло од Португалија и дека сакал да патува во Европа некој ден, исто така ми раскажа дека изнајмува соби и станови за туристи.

За крај на турата не однесе и на реката каде што имавме уникатно искуство да одиме во вода со разни животинки и огромни корени од дрвја, и на една мала плажичка од која што искачаа цело време ракчиња од песокот, се на се одлично поминат ден со Жуба. Доколку некој патува натака може да ви го дадам неговиот контакт за сместување или тура. Најдоброто од се беше што типот веќе извежбан секојдневно со тури и туристи, знаеше да прави одлични фотографии.

Porto de Galinhas
Porto de Galinhas

 

Од Порто де Галињас патот не водеше накај Ресифе, од каде што требаше да фатиме лет за Рио. Во Ресифе поминавме само еден ден и времето не беше баш најсјајно. Во градот велат дека е опасно да влегувате во океанот бидејќи имало многу ајкули. Па така денот го посветивме на посета на стариот дел на Ресифе и на местенцето Олинда, кое што било ептем познато за време на карневалот. Кога бевме ние беше навистина пусто и немаше скоро никој. Во Ресифе бевме сместени во еден од подобрите хостели за време на нашето патување и топло ви го препорачувам ако некогаш патот ве наведе натака, Hostel Piratas da Praia.

Следна станица Сан Паоло

Ресифе