Сицилија остров на кој што никој неможе да остане рамнодушен, иако е дел од Италија таму ќе се почуствувате далеку од италијанските метрополи, спектар од бои, вкусови и мириси ќе ве пречекаат уште откако ќе стапнете на сицилијанското копно. Сицилија синоним за мафија е првото нешто што им паѓа на памет на најголем дел од посетителите, но откако внимателно ќе го разгледаат и вкусат овој остров сфаќаат дека има многу позначајни работи кои го карактеризираат пред зборот мафија!
Островот Сицилија е одделен од италијанскиот полуостров со Месинскиот проток широк само 3 км, но сепак добро поврзан со останатиот дел од Италија. Уште кога ќе застанете на островот приметувате дека некако времето почнува да тече побавно и порелаксирано, а луѓето насмеани без никакво брзање ги извршуваат своите обврски. Тука навистинна може да го осетите духот на Италија, малечки затскриени плоштади исполнети со деца кои играат фудбал, барови пред кои старците се совежуваат гледајќи ги нивните внуци како безгрижно се забавуваат, а пак доколку се погодите на прошетка околу времето за ручек ќе осетите еден микс на мириси кои што се шират од куќите. За оние кои се имаат запознаено со северниот дел на Италија одма ќе приметат голема разлика во гостопримливоста, отвореноста на овие луѓе и оние од северот.
Сицилија има богата понуда на култура, традиција, забава, спорт, храна, море и песочни плажи.
Палермо со својата уметност, култура и природа е метропола на Медитеранот, и пред се Палермо е главен град на сицилијанската култура. Стар дел, нов дел, врева, сообраќаен метеж, адреналин слушајќи го звукот на полицијата, предупредувања да не навлагате во темни и тесни улички и тука веќе ви паѓа на ум зборот мафија и слободно си режирате сопствен филм. А од друга страна пак забава до раните утрински часови, улична вкусна храна, обединетост и заедничко навивање додека игра тимот на Палермо. Палати, градини, театарот Масимо, Катедралата која што воодушевува со спојот на различни стилови кои се должат на различните фази на градбата и намената (од џамија до катедрала), Фонтаната на срамот. Од друга страна пак пазарите како Баларо (каде што навечер може да седнете во еден од многуте барови и да пробате типични сицилијански специјалитети или да се напиете нешто и пазарот Вучириа каде може да ги откриете вистинските бои и мириси на Сицилија, а пак продавачите како да се натпреваруваат кој посилно ќе вика за да го привлече купувачот и што е најинтересно сето тоа на сицилијански дијалект.
Доколку сакате малку да се отргнете од Палермо и да уживате на убавите песочни плажи може да изберете едно од блиските места како Мондело или Чефалу, особено на плажата во Мондело може да сретнете многу забава и млади луѓе. Ако имате повеќе време на располагање може да појдете до природниот резерват Ло Ѕингаро на само стотина километри од Палермо, и таму има да ве пречека кристална сина вода, диви плажи и разновидна флора и фауна. На само десетина километри од овој природен резерват во областа Сан Вито ло Капо, секоја година во месец септември се одржува фестивал на кус кус, а пак во месец мај интернационален фестивал на летечки змајови.
По посетата на Сан Вито може да се упатите кон внатрешноста на Сицилијанскиот остров каде ќе гледате ридови, полиња, лозови насади, голем број на агритуризми кои се залагаат за развој на алтернативниот туризам. Кога ќе пристигнете на другиот дел од островот таму ќе ве пречека прекрасната Катанија која што ја нарекуваат Милано на Сицилија, навидум модерен град, индустриски развиен но кога ќе навлезете подлабоко ќе се зачудите колку знаменитости, традиција и историја крие овој град во барок стил и не треба да се плашите доколку забележите пепел во воздухот и поцрнети фасади, сето тоа е поради близината на најголемиот активен вулкан во Европа – вулканот Етна. Катанија е студентски град, доколку имате можност да го посетите правниот факултет ќе останете воодушевени од неговата градба и релаксирачка градина со палми, цвеќиња и фонтани. Слончето е симбол на Катанија. Делот околу театарот Масимо е центарот на ноќните собиранки и случувања. Таормина, Ачитреца, Ачиреале, селцата на падините на Етна се едни од местата кои апсолутно треба да се посетат. А доколку сакате малку повеќе адренаилин отидете во природниот парк Алкантара каде што се наоѓа и истоимениот кањон. може да правите трекинг низ брзата река Алкантара која тече низ карпите формирани од вулканска лава.
Љубителите на чоколадото може да ја посетат Модика која е позната по производството на чоколадо. Во близина на Сиракуза се наоѓа и малото гратче Пакино каде секоја година улиците се прекриени со мозаици од овошје и зеленчук, и секоја година темате е различна.
Ако тргнете кон внатрешноста на таа страна на Сицилија ќе стигнете и до Пјаца Армерина позната по многубројните мозаици и вашето патување на Сицилија може да го завршите со посета на градот Агриџенто каде се наоѓа долината на храмовите, а денес може да најдете голем број на остатоци кои сведочат за доминацијата на Античка Грција. Во Агриџенто е роден и познатиот италијански писател и драматург Луиџи Пирандело.
За крај неколку зборови за сицилијанската кујна и типичните производи, но залудно е да се пишува тоа треба само да се вкуси. Аранчини кои може да се најдат полнети со рагу, ориз, сирење, павлака, спанаќ итн. Канолите се еден од најпознатите слатки специјалитети, тие се во вид на свиткана шуплива вафла полнета со слатка павлака или сладолед, може да се најдат и такви со додатоци како парчиња чоколадо, лешници или фстаци, и одозгора покриени со шеќер во прав. Сицилијанската касата е традиционална сицилијанска торта на база на слатка павлака, пандишпан, марципан, зашеќерено овошје и глазура од шеќер. Потеклото на касатата датира уште од времето на арапската доминација на Сицилија. Овошјето марторана е типичен сицилијански десерт, попрецизно палермитански, познато во светот доста слично на марципанот но далеку повкусно и послатко. Составено од бадемово брашно и шеќер и обликувано во форма на овошје. Традиционално се подготвува за празникот на мртвите. Сендвичот со слезина кој спаѓа во таканаречената улична храна е типичен палермитански специјалитет, станува збор за лепче со сусам кое што се полни со пржена слезина и бели дробови од теле. Кроасана со сладолед. Гранита. Леб со маслинки и разни пецива.
Сицилија е еден специфичен остров полн со фасцинантни личности, пејсажи, историја и архитектура. Гете рекол за Сицилија: “Доколку ја видите Италија без да ја посетите Сицилија не можете да ја имате комплетната слика за Италија. На Сицилија се наоѓа клучот за се…чистотата на цртите, меки нијанси на боите, хармонична обединетост на небото со морето и морето со земјата. Кој ги видел овие работи еднаш, ќе ги поседува целиот свој живот.”