Доколку сте расположени за еднодневна екскурзија надвор од Македонија, но сепак тоа да биде нешто интересно, Копенхаген е вистинскиот избор за вас.

Најдобра варијанта да стигнете до Копенхаген е лет со Wizzair од Скопје до Малме (пристигнувате околу 20.00 часот, од Малме со директен автобус од аеродром до Копенхаген и враќање наредниот ден со директен лет од Копенхаген до Скопје (летот е во 21.20 часот).

Истражете ги убаво сите дати и видете која е најдобрата цена, јас мојата повратна карта ја купив за само 1.500 денари. Превозот од Малме до Копенхаген ќе ве чини околу 15 евра, купете автобуска карта преку компанијата Neptunbus а не преку Wizzair, затоа што автобускиот трансфер преку Wizzair е 20 евра. Метро од центарот на Копенхаген до аеродромот во Копенхаген е околу 4.50 евра

Доколку сте издржливи и авантуристички настроени ноќта може да ја поминете на аеродромот во Копенхаген, доколку не, најекономичниот хостел во градот е Copenhagen Downtown Hostel, цената од ноќ е 16.50 евра од човек во соба со 10 кревети, локацијата му е навистина одлична.

Доколку одите на еден ден во Копенхаген навистина нема да треба да користите превоз, градот е мал и лесно може да видите скоро се движејќи се пеш. Но да се разбереме од старт, во еден ден е невозможно да ги посетите музеите, забавниот парк и сите туристички атракции. Еден ден е доволен да уживате низ уличките во стариот дел на градот , да испиете едно кафе и да вкусите нешто од данските специјалитети.

Нашата прошетка низ Копенхаген започна уште во 7 часот наутро. Првата дестинација ни беше Nyhavn – малото пристаниште со шарени куќички, од таму го фативме патот накај морето и малата сирена, низ улиците ќе забележите многу згради со интересна архитектура. За сета среќа денот се погоди облачен со малку сонце на крајот, но не заврне ниту дожд ниту снег. Откако ја посетивме статуата на малата сирена се упативме кон плоштадот Radhuspladsen  од каде што почнува најголемата пешачка / шопинг улица Strøget, во тој дел од градот ја посетивме и округлата кула Rundetaarn. Денот го завршивме повторно во Nyhavn, овој пат во вечерно издание со запалени светла и отсјај во водата.

Од храна успеавме да пробаме некои благи пецива со џем и познатиот дански хот дог.

Бонус места кои може да ги посетите во Копенхаген ако сте на подолго време : еден од најстарите забавни паркови во Европа –  паркот Tivoli, најдобриот ресторан на светот Nоma, аквариумот, замокот Rosenborg и палатата Christiansborg, Christiania ( слободна зона, без предрасуди и правила, тука користењето на канабис е легално)