Како да стигнете?

Од Скопје нема директен лет, најдобрата комбинација е секогаш со Wizzair до некој европски град од каде што има конекција за Вилниус. Истражете ги секогаш сите комбинации (знам дека е мачно) ако сакате да поминете поевтино. Пробајте и летови со Ryanair. Нашата авантура се одвиваше вака: Скопје – Осло – Вилниус и враќање Рига – Ајндховен – Скопје и сето тоа задоволство не чинеше само 100 евра.

Од Вилниус за да се движите низ останатите Балтички земји супер добро им фукнционира автобускиот превоз, и ако купите карти со време или начекате некоја промоција може да најдете карта и за 5-10 евра од Вилниус до Талин. Автобусите се модерно опремени, со интернет, тв, бесплатно кафе чај и тоалет. (luxexpress.eu или ecolines.net)

Каде да спиете?

Избор за сместување има доста, хостели и аирбнб. Хостелите може не изгледаат нешто супер уредено али се чисти. Нашиот избор беше Hostelgate (10 евра од ноќ) затоа што се наоѓаше одма на влезот во стариот дел од градот, и немаше потреба од автобуски превоз.

Што да посетите?

  • Стариот дел на градот Klaipeda, катедралата, камбанаријата. Може да се качите и на тврдината од каде што ќе имате панорамски поглед на Вилниус ( влезницата е околу 5 евра). А доколку не сакате да влагате по цркви и музеи, тогаш само шетајте се низ уличките и истражувајте ја архитектурата. Во овој дел се наоѓа и уличката на литературата – на која во минатото живеел поетот Адам Мицкевич, а пак во 2008 една група на уметници со цел да ја заживеат уличката почнале да ја декорираат со уметнички дела поврзани со литература. На улицата бил отворен ѕид на кој што сликарите и другите уметници создале плочки или мали предмети направени од метал, дрво, стакло во чест на литературата.  

 

  • Улична уметност – може да најдете многу графити и интересни барчиња во околината на Pylimo gatve. Таму е и познатиот графит каде што Трамп и Путин си разменуваат џоинт. 
  • Независната република Ужупис – самопрогласена Република на 1ви Април 1997. Тука живеат околу 7.000 луѓе, најмногу од нив уметници. Од центарот на Вилниус ги дели реката и само еден мост. Имаат дури и свој Устав напишан на ѕид на десетина јазици и се наоѓа во близина на главниот плоштад на републиката. Интересно е да дојдете тука приквечер или во текот на денот, да седнете на кафе или да пробате некое локално пиво. Додека се шетате низ Републиката ќе видите и многу уникатни уметнички инсталации. Не заборавајте да си го понесете и пасошот затоа што во туристичкиот инфо центар ќе ви стават печат за влез во Републиката Ужупис. Една од пооткачените работи што ја видовме беше и лулашката закачена на мост, во превод мора да влезеш во реката за да стигнеш до неа. (само за најавантуристите) 
  • Кога ќе ви се здосади од Вилниус тогаш фатете бус или воз и за половина час ќе се најдете во Тракај. Местото опкружено со природа, и познато по својот замок. Мој совет ако патувате во Вилниус можеби ви е подобро едната вечер да ја преспиете во Тракај затоа што имаше преубави вили и соби за изнајмување покрај самото езеро. Картата за бус во еден правец е околу 2 евра. Тракај беше доста полно со туристи, претежно големи групи кои застануваат попатно да го посетат местото. На езерото може да изнајмите педалинка или кајче и да се прошетате наоколу. Доколку одите летно време тогаш ќе може и да се капете и сончате на околните плажи. Влезот во замокот се плаќа ама ние не влеговме бидејќи тоа ни беше совет од локалец, не влегувајте нема ништо посебно. Околу езерото има неколку ресторанчиња и цените не се претерано скапи.

 

 

Што да јадете?

Тие што ме познаваат добро знаат дека не експериментирам многу со храна кога патувам хаха па така и овој пат успеав да пробам само некои едноставни сигурни работи.  Од традиционална храна имаат некои супи и чорби, палачинки од компири, полнети панцероти итн. Од локална пријателка добивме совет да одиме во стариод дел Klaipeda и во ресторанот Klaipedos да ги пробаме највкусните cheese fingers, искрено врска немаа, некое поховано сирење али ништо посебно. Но затоа за вечера бевме да јадеме бургери во едно многу откачено место Keule Ruke одма зад графитот со Трамп и Путин. Местото е многу интересно уредено и бургерите беа навистина вкусни. Луѓето тука си пијат доста и нели вотката им е заштитен знак па така видовме секакви видови на вотки, бонбони и чоколади со вотка, уште леб со вотка не видовме 🙂 а исто така имаат и многу видови локално пиво. 

Заклучок

Вилниус е супер место за викенд патување, особено за оние кои што бараат гратче за романтично бегство. Стариот дел на градот со тесните улички и ресторанчиња го прави романтичен од старт но сепак јас не би останала повеќе од 2-3 дена, затоа што мислам дека се баш доволно. Цените не се многу високи, но сепак повисоки од кај нас. Градот нуди исто така и разновиден ноќен живот па ако сте за забава тогаш сте на вистинското место.