Таму некаде на Андите живее една вистинска Колумбија, недопрена природа и луѓе со златно срце – таму некаде не многу далеку од градот Медежин, во срцето на Антиокија, се наоѓа селото Херико.

Херико се наоѓа во еден од најбогатите делови на Колумбија на три часа возење од Медежин, сместено е на Андите на висина од околу 1.900м надморска височина, и во него живеат околу 12.000 жители, кај нас ова би било град, но тука се смета за село.

 

Патувањето беше долго и мачно, времето беше пеколно жешко а ние имавме “само” цел ден возење од Гуатапе до малото селце Херико со едно преместување во Медежин, во превод имавме време да си ги премотаме сите осумнаесет денови откако почна нашата авантура, имавме време да си ги раскажеме сите маки, сите спомени и соништа…Јавниот превоз во цела Јужна Америка е општо познато дека е хаос, и таман помислив дека тоа едно далечно патување во Боливија ќе биде единственото кај што си викам веќе не патувам, на листата додавам уште едно.

Патот до селцето Херико не е воопшто за луѓе со слабо срце, на наша “среќа” тој период имаше и работа на патот, па така патувањето од два ипол часа скоро се дуплира, и згора на се нашиот чичко шофер беше единствен, од смеење сам со себе, тркање шлепери на кривини над провалии, до реакции на грешки у вожња као у видео игра, сè на сè, срце у петици, тон прашина во грло и адреналинот на најако. Но од друга страна живописните пејзажи што не опкружуваа беа магија. Попатните селца низ кои поминувавме, локалните продавнички од каде што ечеше некоја шпанска музика од времето. Госпоѓата газдарица излезена од шпанска серија која што по наше мислење најверојатно одеше кај својот сакан на хациендата во едно од попатните селца, сето ова ни помогна да го заборавиме лошиот дел од патот и да се препуштиме на локалното искуство.

Пристигнавме во Херико приквечер околу седум часот. Првиот впечаток беше каде дојдовме и зошто? Селото беше цело во угорнички, осветлувањето беше слабо, и по улиците немаше живо пиле. Јас повторно си повторувам у глава кој ме тераше, сепак тука треба да живеам две недели. Додека се преиспитувам каде сум, стигнавме на главниот плоштад, кадешто чат пат се гледаше по некој локалец. Хостелот во кој што бевме сместени беше со типична архитектура од местото, шаренило на сите страни, имаше огромни веранди на кои што висеа плетени лежалки од сите страни, а пак долу можевме да ги посматраме луѓето и соседите кои што си ги вршеа секојдневните активности.

Херико се будеше секој ден во мугри, а секое наше будење беше со звукот на потковиците на коњите, некое мото такси или некој весел селанец спремен за песна уште од зори. Секој ден ни почнуваше со прошетка низ уличките, буквално имате време секој ден за саат време да ги свртите сите улички, главни и споредни, а додека се шетате ќе потонете во бои и звуци. Буквално од секоја куќа се слушаше некаква музика. Се разбира не можевме да го пропуштиме ни традиционалниот доручек на главниот плоштад, доручекот се состоеше од арепа, сиренце, јајце и кафе тинто (колумбиско еспресо).

Кажав дека селото се будеше рано но исто така и заспиваше многу рано, веќе во седум часот навечер се чуствуваше тишината насекаде. И така со секој нов ден, се повеќе и повеќе чуствував дека сум дел од местото и дека ја донесов правата одлука да ја доживеам вистинската Колумбија токму на ова место. Со секој нов ден и ние станувавме дел од животот на тоа магично селце, ако на почетокот ние бевме за нив оние “егзотичните, далечните, што ли бараат овие луѓе тука?” за само неколку дена постанавме дел од нивното секојдневие. Бевме сведоци на незаборавна глетки, како на пример здруженоста и радоста на луѓето кои што гледаат фудбалски натпревар во маалскиот кафич излепен со постери од светски првенства. Саботната пијанка на локалците кои што си ги паркираа коњите пред барчињата. Посетите на барот Танго и Алго мас у превод Танго и нешто друго, под нешто друго секако се подразбираше пиво. Тука секогаш ечеше танго музика и кога ќе пројдеш од надвор ќе си речеш небаре ова јака танго забава има внатре, влегуваш и го гледаш газдата на шанк у празен локал како гледа шпанска серија без глас, или пак маалската продавничка на нашите соседи која што после ручек се претвараше место за социјализација и играње карти и домино, а во позадина некоја колумбиска балада, и вака до бесконечно… можеби и конечно ми стана јасно зашто има улица на поетите токму баш тука, местово е инспирација само по себе….

Херико е особено познато по религиозниот туризам, бидејќи тука се наоѓа светилиштето посветено на единствената официјално признаена колумбиска светица, Света Лаура. Останатите патувачи го посетуваат Херико на ден или два, местото е совршено особено ако сакате да се поврзете со природата, да планинарите, да скокате со параглајдинг, да јавате коњи, да се капете во водопади или едноставно да уживате на некоја од многуте фарми и да го дегустирате локалното кафе.
Другата опција е да останете во градот, да ја посетите ботаничката градина во која преку ден доаѓаат музичари и свират во природно засолниште од бамбуси, да се искачите на статуата на Исус и да имате совршен панорамски поглед на целиот град, да ги посетите музеите, да се изгубите низ уличките, да фотографирате, да се запознаете со пола село или да седнете на локално пиво во Танго и алго мас. Исто така освен кафето, уште еден типичен производ од Херико е и ташната Кариел, заштитен знак на мажите во селата од овој регион, а и ден денес мажите ја носат на себе, изработена е од чиста кожа.

 

Со секоја прошетка низ селцето се чуствува и уметничкиот шмек, не за џабе местото е познато поради многубројните уметници и писатели и тука има дури неколку музеја. Имавме шанса и да запознаеме еден несфатен млад уметник кој што пробува да живее исклучен од модерниот свет и технологија, но сепак во потрага по вистинска и искрена љубов. Низ селото постојано се чуствува некоја елеганција по улиците, во однесувањето и облекувањето на луѓето, многу често ме потсетуваше на некое мало селце во Италија, но на спротивната страна од светот. А пак да не правам муабет за мирисот на кафе што доаѓаше од секое барче. Херико изобилува со интересни и модерни места за кафе и секако префини вработени кои се тука да ви го објаснат целиот процес околу производството на кафе.

 

 

 

 


Луѓето од Херико

(во прилог ви оставам линк, ако успеете да го пронајдете документарецов посветен на Херико, навистина прекрасен https://www.imdb.com/video/vi2337782297?playlistId=tt5678440&ref_=tt_ov_vi )

Луѓето од Херико се најголемиот мотив и инспирација да го напишам овој текст, мислам дека сеуште ја носам таа нивна насмевка и енергија со мене. Можеби и не постојат доволно зборови да се опишат тие емоции што ќе ги почуствувате кога ќе бидете опкружени со овие луѓе, но јас навистина не знам од каде доаѓа таа постојана насмевка, таа љубезност, таа искреност и желба за да направат да се почуствуваш најсреќно на свет, но дефинитивно им успева. Мирот што го има селото и луѓето во него досега сеуште го немав почуствувано на ниту едно друго место. И не, не е лажна насмевка и добрина како кон странци на кои што треба да остават впечаток, нивната беше искрена, луѓето беа спремни и душата да ја дадат ако им ја побараш, нивната добрина, сомилост и скромност беа реални. Од деца до највозрасни сите се културни и се обраќаат со почит. Никогаш нема да ја заборавам првата средба со првиот локалец што го запознавме, Умберто, дедото од нашата улица со интересно хоби, секој ден седеше на столче пред некоја локална продавница и застануваше убави девојки да се сликаат со него, а потоа го покажуваше албумот во кој ги лепи сите извадени слики, секако ја имавме честа и ние да бидеме дел од таа колекција.

 

Потоа следеа дедовците кои што љубопитно ѕиркаа од сите страни што правам со фотоапаратот, некој се криеше, а некој пак упорно прашуваше зошто не го сликам, зарем неговата убавина не е доволна за да биде фотографиран. И со секое застанување пред некоја куќичка, уличка, продавничка, секој имаше доволно добар повод да ми започне муабет, од каде си, зошто си тука, што правиш, секој си ја раскажуваше својата приказна, дедовците како дошле во црква да се помолат бидејќи уште едно утро се разбудиле живи, тетките да ми раскажат како си го поминуваат денот на работа, колкави им се децата и каде живеат. И кога на моменти посакуваш да бидеш сам, невозможно е, луѓето ти приоѓаат и ти прават муабет, и токму поради ова за само неколку дена веќе цело село знаеше дека има некој од Македонија, беа воодушевени од фактот дека сум дошла од толку далеку и сум го избрала баш нивното место.

Кога веќе зборувам за луѓето од Херико, невозможно е да не го спомнам Хорхе, сопственикот на хостелот Лас Кометас, без кого јас воопшто немаше да го реализирам ова искуство. Млад претприемач од Медежин, еден од ретките млади луѓе кој што решил да се пресели од голем град како Медежин во ова селце и да инвестира, да помага на локалното население и да ги поддржува сите мали бизниси, сето тоа со цел луѓето да останат во селото. Ќе го спомнам и семејството од планината коешто безусловно помага на секој кој што ќе се најде на патот, бидејќи се единствените луѓе кои живеат таму, мудрите разговорите со нивните мали дечиња ме оставија без зборови, искрената прегратка и радост на едно од децата на кое што му ја подарив мојата сијаличка за во темница после моето објаснување дека на него сигурно ќе му треба повеќе да му го осветлува тој саат време пат до дома низ планина отколку на мене и уште многу други искуства за кои што највертојатно уште долго ќе зборувам…

Дури и многубројните улични кучиња во селото беа поинакви, не беа гладни, тука велат “Колумбиец никогаш нема да остави улично куче да гладува”, кучињата скокаа и трчаа по сите наоколу бидејќи сакаа да играат и бараа внимание, не храна, дури и во нивните очи се гледаше дека има нешто посебно во ова место…

…Недела, мојот последен ден во Херико, излегов уште еднаш да ги прошетам сите улици и да се поздравам со моите пријатели. Неделниот пазар беше во тек, тука можеше да си купите шешир или пончо, лижавчиња од кокос, манго со сол, секакви видови компири или пуканки. Додека децата безгрижно играат наоколу, старите пијат кафе, а пак младите парови дотерани ги частат девојките хот дог. Додека го набљудував ова седев на една клупа и размислував, сè изгледаше просто и едноставно, за прв пат во животот се почуствува убаво да седам и да не правам ништо, одамна немав поминато толку денови да живеам тука и сега, баш во моментот како што викаат мудрите. И повторно сфаќаш дека среќата е во малите работи, дали можеби повторно формулата за среќа и за овие луѓе е сонце, плантажи со кафе, банани и латино звуци? Не знам, но барем успеав да го најдам одговорот зошто завршив во село за коешто ни самите Колумбијци не знаат дека постои.