Алба е мало италијанско гратче кое што се наоѓа во Северна Италија, поточно во регионот Пиемонте, на само 50 км од Торино, а тоа би дошло час и половина со воз, бидејќи нема директна линија ќе мора да смените во некои од соседните гратчиња, а билетот чини околу 5 евра во еден правец. Доколку доаѓате од Милано, патувањето ќе трае околу три часа и ќе треба да смените воз во Торино.
Мојата посета на Алба беше пред се поради интернационалниот саем на тартуфи, кој што се одржува секоја година во месец октомври. За време на саемот ова мало гратче е преполно со туристи и љубители на тартуфи. На секоја страна штандови и дегустации, а цените на овие скапоцени тартуфи од 5 евра па се до 5000 евра.
Јас не сум голем љубител на тартуфите па затоа се пренасочив кон штандовите каде што за среќа се нудеа дегустации на типични чоколади и слатки од тој регион.
На секој од плоштадите имаше некое случување, како на пример парадата. А нашето друштво како и секогаш интернационално, Едо нашиот домаќин во Алба, неговиот пријател од Шпанија и нашите две пријателки од Турција и Русија. Со оглед на тоа што нашиот пријател беше од Алба имавме можност да дознаеме, да видиме и да вкусиме работи кои како туристи никогаш не би ги пронашле, воедно и мој совет е каде и да одите не се однесувајте како туристи, туку како патувачи и истражувачи и секогаш гледајте да стапите во контакт со локални луѓе, прашувајте и истражувајте и ќе се изненадите колку нови работи ќе научите!
Уште една типична работа за Алба е што таму се наоѓа и најпознатата фабрика Фереро, производител на нутела, тик так, киндер. Нашата еднодневна посета на Алба беше кратка но слатка, и секако неможе да се заврши денот без некое поинтересно случување. При враќањето во Торино, во возот имаше една издрогирана девојка, што створи паника помеѓу патниците со нејзините халуцинации и на сите почна да се заканува, дури дека ќе се обиде да не најде и да ни се одмазди откако ќе се симнеме од возот. Но за среќа се заврши во најдобар ред.