Ден 2 – 6: Cusco, Ollantaytambo, Aguas Calientes, Machu Picchu
Еве ме повторно на аеродромот Хорхе Чавез во Лима, 12h летање претходниот ден ми беа малце , па сега да продолжам. Caмо што слетав од зима на лето и сега треба повторно да сменам клима и да се качам на 3400м надморска височина каде што тешко се дише во секоја смисла на зборот. Прва станица – аптека, бидејќи во Перу има многу места на голема надморска височина, постојат апчиња кои што помагаат на голема висина, СОРОЧИ. Сорочи со чај/мастики/бомбони/листови од кока е добитната комбинација ако сакате во рок од три дена да го видите тоа за што сте тргнале и да не ризикувате да ги поминете во кревет со вртоглавица и маска со кислород. За да стигнете до Machu Picchu мора прво да дојдете до Cusco, и препорачливо е да поминете ден два во Cusco за да се навикнете на климата и потоа да продолжите накај Machu Picchu. Има директни летови од Лима на секој час, и летот трае околу еден час. Еден интересен детал е дека неколку перуански авио компании имаат посебни цени за перуански државјани а посебни за сите останати, и разликата е скоро дупло. Летот до Cusco и не беше нешто мирен, како и сите останати летови што ги имав во Перу и Боливија, најлошите летови до сега. Во Cusco и во планинските предели на Перу декември е периодот на дождови, така да бевме спремни за секаквo време, а богами на 3400м и свежичко беше. Првото нешто што ми падна во очи кога излегувавме од аеродромот во Cusco беше еден огромен билборд на зидот каде што беше објаснето дека изнесување на листови од кока надвор од Перу е казниво со затвор, хмм ок, не ни планирав да џвакам листови од кока, сепак ќе се задржам на чај и бомбони. Ок, еве искачаме од аеродром, и јас очекувам после сите муабети да се пазам од висината, многу е тешко додека да се навикнеш, дека ќе искочам од аеродром и воздух ќе немам, искачам и се е ок, си викам само лажат луѓево, фаќаме такси, првото што застана, секако пред да се качиме се договараме за цена, во Cusco не се плаќа повеќе од 3 солес (50 денари) за било каде низ градот, што значи ако побара повеќе, чао, ќе си најдеме друго, среќа овој одма се согласи. Kолата беше едно тико што во секој момент се очекуваше дека ќе се распадне, ама ете некако издржа и не донесе до нашиот хостел. Додека се возиме јас жива среќна ништо не ми е на висинава, супер. Искачам од такси и правам 30 чекори, стигнувам до рецепција и умирам, срцето 300 на саат, воздух имам ама како да го немам, се качувам до соба и почнува да ми тече крв од нос и да ме боли глава. Така решив првите 20 часа да си ги поминам во кревет, со топло чајче од кока. Наредниот ден веќе успеав да станам од кревет и да се симнам до рецепција без да ми лупа срцето, ама за подолго одење беше многу тешко. Cusco е мало гратче, но има доста интересни работи за разгледување, градот е на брдо така да сè е надоле нагоре, и уште на таа висина, одличен почеток. Главниот плоштад е Plaza de Armas (Плоштадот на оружјето), каде што се наоѓа главната катедрала.
Едно од местата што мора да се посетат во Cusco е Храмот на Сонцето и пазарот Сан Педро. Во Перу на сите пазари има мали барчиња и ресторанчиња на отворено секако во самиот пазар каде што може да доручкувате или ручате. Имаше цел ред со тетки кои што продаваат свежо цедени сокови од сите можни овошја, пола од нив што прв пат ги гледам, за многу малку пари. А пак кога ме видоа тетките бела, туристка, почнаа да се натпреваруваат која посилно ќе ме викне да одам да пијам сок кај неа. Во кратки црти, Cusco е многу интересно гратче, каде што се осеќа вистинскиот дух на Перу, со сите госпоѓи наоколу облечени во типична перуанска облека, со ламите кои што се шеткаат наоколу, но сепак јас брзав да го видам Machu Picchu.
После два дена поминати во Cusco патот не водеше накај Ollantaytambo, село од каде што требаше да го фатиме возот кое што ќе не однесе до подножјето на Machu Picchu, Aguas Calientes. Патот до Ollantaytambo не беше лесен, за да поминеме поефтино, фативме такси кое што го делиш со други луѓе, одма се најдоа луѓе и тргнавме, скоро два часа возење за 250 денари, за патот и за шоферот да не ви правам муабет, цревата ми ги извади, но тоа е што е, стигнавме во селцево каде што требаше да преноќиме и рано наутро да го фатиме возот.
Долг и тежок е патот до Machu Picchu, а богами и скапичок. Сепак искуството со IncaRail возот што не донесе до Aguas Calientes, беше неописливо, пејсажи како од филм, на толкава голема висина возот поминува низ облаци, низ планини кои што се извиваат високо до небо, и така додеа ти замислено се прашуваш каде си те служат со инка чај, за да го доживееш филмот до крај.
И после час ипол сонување во возот еве не во Aguas Calientes, уште едно мало селце, полно со туристи, и огромен пазар со перуански типични производи, успеваме да се качиме во првиот минибус што се искачува до влезот на Machu Picchu, по еден цик цак пат без никаква ограда а долу џунгла. Конечно после половина час возење еве не на влезот на ова светско чудо. Прво нешто може да си ставите печат од Machu Picchu во вашиот пасош за спомен и после тоа продолжувате. За жал тој ден времето не не послужи, облаците беа присутни скоро цело време и многу врнеше, но сепак MACHU PICCHU беше пред мене и мораше да се истражи до крај. Велат дека првичната намената на Machu Picchu била одморалиште на тогашниот император, но исто така се смета дека било свето и религиозно место. Ниту со зборови ниту со слики не се опишува тоа што го видов, како некој некогаш успеал да направи такво нешто, на толку недостапно место, до ден денес многу работи што ги правеле Инките се сеуште мистерија. Прецизно изградени ѕидови и огромни зелени тераси, каде што мирно пасат лами. Локалитетот бил поделен на два дела, едниот дел за одгледување на разни видови растенија, а другиот дел за живеење, со храмови, плоштади и гробници. Местото воодушевува со посебна енергија која ти дава мир и спокој и покрај многуте туристи наоколу. Имаше една госпоѓа до мене што плачеше од возбуда дека стигнала до таму. Велат дека и ден денес луѓето што живеат наоколу во долините, имаат многу сличен живот на Инките, живеат во хармонија со природата, и најчесто се посветени на одгледување на пченка и компири. Останавме повеќе од пет часа истражувајќи го целиот локалитет но сепак дождот не принуди да се симнеме порано и да ручаме во малото селце, каде што има секаков избор на јадење од паста до пица и скара па до типични перуански специјалитети.
Патувањето за назад беше добро се додека не дојде време да фатиме такси за до Cusco. Овој пат фативме мини бус со околу 10 седишта внатре,ни кажаа дека ќе тргне најкасно за 15 минути, комбето не беше полно и не тргна за 15 мин, во кратки црти, тука научив многу битна работа за превозот во Перу, ако си во минибус, комбе или нешто слично не тргнува додека не се наполни до крај. МОЛАМ? Останавме еден час чекајќи го шоферот кој отиде наоколу да бара и да собира патници, после долго чекање тргнавме, конечно си помислив. Но не, застанува на главниот плоштад и почнува да врти кругови околу замислениот кружен тек и да се дере од прозор CUSCO CUSCO CUSCO, упорно бара уште два патника за да комбето биде полно, живци на коњ да имаш работава. И кога конечно тргнавме, ете повторно застана негде на сред пат каде што немаше ни осветлување и собра две женички со дечиња облечени во традиционална облека, си седнаа на подот и си продолживме. Залудно е да бараш објаснување и да се прашуваш зошто и како. Добредојде во Перу Елена, ова е само почеток.
Последниот ден го поминавме повторно во Cusco, денот беше прекрасен и сончев, и еден мал детал на 3400м сонцето пече и затоа е препорачливо да си користите крема за сончање. Летот до Лима беше ужасно лош, но веќе почнав да се навикнувам.