“Хостел на слоновите” или “Ostello degli elefanti”, името го добива според заштитниот знак на Катанија, а тоа е слонот и поради неговата местоположба на само два чекора од главниот плоштад каде што се наоѓа слончето. Доколку патот ве наведе накај Сицилија и се најдете во Катанија, и доколку сте еден од оние патувачи кои што често си преспиваат во хостели, тогаш дефинитивно треба да го посетите ова место.
Ја имав таа среќа да претстојувам во овој хостел уште пред неговото официјално отварање и можам само да ви го опишам чуството: Виа Етнеа- главната улица во Катанија, влегувате во стара типична италијанска градба, на врата ве пречекуваат две прекрасни насмеани лица кои што ќе направат се за вие да се чуствувате одлично. Штом го поминете прагот од влезната врата здогледувате огромни врати, високи тавани и уметност насекаде околу вас. Чуството да знаеш дека си во Италија и да спиеш во соби со фрески останати уште од времето, и што е најважно сето тоа за многу симболична хостел цена е бесценето, барем за мене.
Но откако пријатно ќе се изненадите од спалните и останатите простории, следува да ja посетите панорамската тераса на хостелот. Тесни скалички во внатрешноста на хостелот ќе ве одведат до кровот на оваа зграда и пред вас зајдисонце и одличен поглед на вулканот Етна, панорамски поглед на Катанија, на улицата Етнеа и на главната катедрала.
Велат најчесто не е битно каде си но со кого си, во случајов ја имате добитната комбинација, на право место со прави луѓе кои ќе ве освојат од старт и сигурна сум дека ќе посакате повторно да се вратите како што и јас се враќам веќе по трет пат.