Од моето патување во Тоскана дефинитивно ќе ја издвојам Пиза како град кој што навистина ме воодушеви. Во Пиза сум била и претходно но онака баш туристички на неколку часа колку да ја видам кривата кула и некои останати туристички места. Овој пат решив да останам во Пиза дури цели три дена.

Имав таква среќа што бев сместена во стариот дел на Пиза, над еден прекрасен плоштад полн со барчиња и ресторанчиња, каде што после аперитив и романтични вечери се собираа многу млади луѓе, се дружеа и остануваа да муабетат до доцна навечер. Да бев во Скопје можеби и ќе се жалев на оваа бучава но тука за момент оваа атмосфера ме понесе во времето кога живеев во Торино и кога и ние се собиравме на едно од многуте плоштадчиња и останувавме таму до рано наутро, какви дружби беа тоа, навистина вредни за да останат засекогаш запаметени.

Но сепак, да се навратам на Пиза. Мојот локален пријател беше навистина одличен водич, ми раскажа толку многу работи, истории, дешавки, луѓе, храна, но ми ги раскажа на навистина уникатен начин што ни за момент не ми се здосади и сконцентрирано го следев секој негов збор. Само што пристигнав во Пиза ме однесе да пробам нешто локално и традиционално, “cecina e spuma”, cecina (вода, наут, сол и зејтин,  и се јаде како сендвич, во лепче), а спума е нешто као наша газоза, ама многу послабо, скоро како да нема вкус.

 

cecina
cecina

Откако убаво се најадовме, тргнавме низ тесните улички да ја разгледам Пиза во ноќно издание. Пред да дојдам во Пиза бев на кратко во Фиренца, ја имам посетено Фиренца повеќе од десет пати и можам да заклучам дека секое враќање таму градот изгледа како секој пат да врие од туристи, се повеќе и повеќе, хаос, дење ноќе, нешто слично како и со Рим за кој што ќе раскажувам на долго и широко во некој нареден пост. Пиза е туристичка дестинација, но само во текот на денот, и претежно сите туристи се врткаат само околу кривата кула која што за среќа е надвор од ѕидините на градот. Кога туристите ќе си заминат, а ноќта полека ќе се спушти над градот, тогаш е вистинското време за прошетка низ Пиза. Се чуствува локалниот живот, многу млади луѓе, многу интересни места и многу интересни приказни.

Почнавме од  плоштадот каде што се наоѓа кривата кула. Мојот пријател тука ми раскажа дека кривата кула не е баш крива, ако забележите убаво малку на врвот е заоблена и има форма на банана, исто така ми раскажа дека кулата е поставена тука надвор од ѕидините на стариот дел на градот затоа што во минатото Пиза излегувала на море и луѓето од Пиза сакале да се пофалат со кулата и сите од далеку да може да ја видат, уште од бродовите кои пристигнувале во Пиза. Одма до кривата кула може да ја посетите и Катедралата, Крстилницата и монументалните гробишта во превод триаголникот на животот, крстилницата – каде што започнува животот, црквата – каде што го поминувале поголемиот дел од животот и на грај гробиштата каде што завршувал животот. Крстилницата е позната по одличното ехо што го има внатре,на секој половина час има мал спектакл, ги затвараат вратите и еден чичко пее вика за да го чуето ехото внатре, па затоа гледајте да се најдете внатре приближно на некој пола час. Доколку сте љубители на фотографијата, ви препорачувам да влезете на монументалните гробишта, архитектурата е навистина интересна, и впрочем ќе може да видите гробници на некои познати ликови од Пиза и околината.

 

Монументални гробишта

 

Крстилница
Катедрала

Откако ја видов кривата кула празна без ниту еден турист наоколу се упативме назад накај центарот на Пиза. По патот ми ја покажа и куќата каде што извесен период живеел познатиот италијански писател Леопарди и потоа продолживме кон плоштадот Piazza dei Cavalieri каде што се наоѓа еден од врвните универзитети Scuola Normale Superiore каде што може да учат само одбрани луѓе, со одреден просек на интелигенција и се смета за најдобриот универзитет во Италија. Од овој универзитет се излезени многу познати филозофи, математичари и физичари.

 

Scuola normale Superiore

Откако го видовме универзитетот повторно се изгубивме низ некои улички, појма немав каде одиме, само го следев мојот локален водич кои што се движеше низ својот град и многу добро знаеше каде одиме. А по уличките зградички прилепени едни до други, моторчиња паркирани пред влез, велосипеди и илјада и една интересна сцена за фоткање. Кога се приближивме до реката Арно тука имаше уште една интересна приказна. Пред скоро една година, во реката се појавил делфин, бил навистина голема атракција, останал во реката во центарот на Пиза скоро цели два месеци и секој ден правел двочасовно шоу, постанал голем миленик на сите жители на Пиза, се додека не заврнал првиот обилен дожд и со него се изгубила секаква трага од делфинот.

 

 

 

Арно

Додека се враќавме накај дома, наслушнавме дека наредниот ден пред кривата кула ќе дојде Андреа Бочели и ќе прави фотосесија на коњ во паркот пред кривата кула хаха штета не го видов Бочели затоа што наредниот ден го фатив патот накај Ливорно. Пиза има добра стратешка позиција ако сакате да ја истражите околината. Патувањето до Ливорно со воз трае 15 мин и билетот е 2.50 евра. А во Ливорно ќе уживате во еден од најубавите погледи над Лигурското море – терасата Маскањи. Одете рано наутро кога е речиси празно или за време на зајдисонце – МАГИЈА.

Исто така од Пиза многу лесно може да ги посетите и Cinque Terre, Firenza и Lucca.

Terrazza Mascagni, Livorno