Бразил има околу 200 милиони жители, во превод Бразил е огромна држава, како што и самите луѓе таму велат, Бразил е како посебен континент. Ставете си во глава уште пред да тргнете за Бразил дека таму се е далеку, доста градови се поврзани со директни летови од Сан Паоло и Рио де Жанеиро.

Морам да признаам дека цените се навистина скапи, понекогаш исто како да купите лет од Европа до Бразил, но затоа има и поевтина варијанта на превоз, а тоа е автобус. Автобусите во Бразил се доста добри, можете да си изберете автобус со клима, интернет и седиште кое се претвара во кревет и удобно да патувате 24 часа.

Виза за туристички престој до 90 дена за македонски државјани не треба, ниту пак некоја вакцина доколку не патувате во Амазонија. Ако планирате да патувате натака ќе ви треба вакцина за жолта треска. Уште едно златно правило пред вашето патување во Бразил – научете си некои основни реченици на португалски или шпански и понесете си разговорник на португалски. Англискиот оставете си го дома. Во Бразил многу ретко ќе чуете англиски, освен на поглавните аеродроми. Монетата во Бразил е реал, 1 евро = 3,4 реалес. Декември и Јануари се дефинитивно најтоплите месеци, а сонцето во Бразил е доста јако, па затоа секогаш мора да ставате висока заштита. За превоз низ поголемите градови, дефинитивно користете Убер, навистина се исплати.

Од сите досегашни организации на патувања ова во Бразил ќе го издвојам како најтешко и најкомплицирано и покрај тоа што имав огромна помош од моите пријатели кои што живеат таму. Организација која траеше скоро пола година, low cost патување во Бразил не е невозможно, но навистина бара голема посветеност, информираност и организираност. Претежно луѓето што патуваат за прв пат во Бразил како дестинации ги бираат само големите градови како Рио и Сан Паоло и понекогаш водопадите Игуасу. Ние сепак се одлучивме за една поголема и подолга авантура. Нашиот итинерар беше Скопје – Барселона – Сан Паоло – Рио де Жанеиро – Салвадор де Баија – Пернамбуко – Алагоас – Рецифе – Рио де Жанеиро – Сан Паоло – Барселона – Софија – Скопје!

Огромна благодарност до мојот пријател Гуга од Сан Паоло (fb: europagastandopouco), кој што веќе неколку години се занимава со организација на патувања во Европа и во Бразил. Од оваа година и јас сум дел од неговиот тим, и за сите оние кои што се заинтересирани да патуваат во Бразил, ние сме тука да ви помогнеме за комплетна организација на вашето патување!.

РИО ДЕ ЖАНЕИРО

Рио де Жанеиро – или како што уште го нарекуваат cidade maravilhosa –волшебниот град, јас и претходно знаев дека е волшебен, но сега се уверив во тоа. Рио е урбана џунгла, опкружен со ридови, дождовни шуми, рајски плажи и океан. Спој на екстремна сиромаштија и луксуз, а линијата што ги дели овие две реалности е навистина тенка. Мешавина на вкусна храна, тропско овошје и каипирињас.

Звуци на самба, боса нова и бранови. За да го истражите Рио е потребно навистина време, можеби десетина дена се доволни да ги посетите најпознатите туристички атракции, но Рио е многу повеќе од тоа. Ако сакате да го почуствувате животот на кариоките, тогаш можеби неколку месеци ќе бидат доволни. Кариока се нарекуваат сите оние што се родени во Рио де Жанеиро. Кари = бел , ока = куќа, така ги нарекувале куќите на португалските доселеници за да се разликуваат од староседелците.

Велат барем еднаш во животот треба да се најдете во Рио, поточно на Копакабана за новогодишната ноќ, во право биле. Атмосферата е навистина уникатна, не само поради тоа што надвор има околу 50 степени и е ужасно топло, туку поради целиот тој микс на звуци, бои, плажа, луѓе и незаборавен огномет. Традицијата вели дека за време на новогодишната ноќ треба да бидете облечени во бело, а откако ќе помине полноќ да скокнете седум бранови за среќа и да фрлите цвеќе во океанот во чест на божицата на океанот.

Нашиот престој во Рио траеше се на се околу осум дена, првите два три дена пред нова година ги искористивме за познатите плажи Копакабана и Ипанема. Копакабана е долга четири километри, плажата е навистина огромна и тука ќе видите секаков народ, а од страна голем број на кариока кои што џогираат, возат ролери и точаци. Долж плажата има многу барчиња ресторанчиња каде што може да се освежите со кокосова вода, каипириња или некој друг тропски коктел. Правило број еден кога одите на плажа не носете пешкир за на плажа, така одма ќе знаат дека сте турист, кариоките одат на плажа со канга – голема марама. На плажите ќе видите многумина што продаваат канга, најчесто со мотиви од Рио и Бразил, а за цената секако треба добро да се исценкате, но не давајте повеќе од 25 реали. Во Бразил секаде може да плаќате со картичка, па дури и кај дечките што продаваат марами и бикини на плажа.

Копакабана е можеби најпознатата плажа во светот и навистина на оваа плажа ќе ги видите баш тие згодни бразилски тела што сте ги гледале на тв и на разгледници, но сепак мене многу повеќе ми се допадна Ипанема со уникатниот поглед на планината Dois Irmaos. Леме – Копакабана – Ипанема –Леблон, плажите се подредени по број од 1 до 12 според спасувачките кули долж плажата. Најубавото изгрејсонце може да го гледате од Копакабана како се извива над Шеќерната глава, местото за дневна забава и убаво зајдисонце број 9 на Ипанема, а пак местата 10 и 11 се за богаташите и за славните фаци.

Работи кои што мора да ги направите за време на вашиот престој во Рио:

  • Посета на стариот дел на градот Centro – прошетка по улиците каде што на самите бандери се поставени звучници за да може да уживате во звуците на самба додека се шетате низ градот. Во овој дел на градот се сместени претежно најголемиот дел од компаниите и деловните објекти. Задолжителна посета во стариот дел на градот на легендарната кафетерија Коломбо

 

  • Посета на плоштадот Кариока, манастирот Св.Антонио каде што легендата вели да се помолат сите оние кои што ја бараат љубовта на својот живот. Посета на главната Катедрала со специфична архитектура

  • Посета на градскиот  театар и библиотеката

  • Посета на булеварот со графити од Олимпијадата

 

 

  • Посета на соседното гратче Нитерои и музејот на современа уметност со уникатна архитектура, дизајниран од познатиот архитект Оскар Ниејмаер

 

  • Посета на боемската населба Санта Тереза, паркот на рушевините, ноќниот живот во Лапа и клубот Рио Сценариум

 

  • Скалите Селарон, каде што ќе пронајдете плочки од различни земји од светот

 

  • Ботаничката градина и паркот Lage, во барот во паркот цените се сосем нормални

  • Посета на хипи пазарот во Ипанема (секоја недела) се одржува на плоштадот Генерал Осорио – тука ќе најдете сувенири и голем број на рачни изработки по достапни цени 
  • Посета на локален самба бар, Бип Бип беше нашиот избор, се наоѓа на Копакабана во близина на хотелот Отон Палас. Тука доаѓаат мастери на самбата, а легенда е сопственикот Алфредо кој што многу се вознемирува доколку некој е дојден да галами и муабети наместо да ужива и да слуша самба. Инаку тука функционира на начин си отвараш фрижидер си се послужуваш и одиш да се запишеш што си земал кај Алфредо кој што удобно си седи на своето столче пред барот. 

 

  • Зајдисонце на Шеќерната глава (Pão de Açúcar)  – името го добила според шеќерот кој на времето бил произведуван токму тука во Бразил, во форма на конус со заоблен врв . За да се искачите на шеќерната глава треба да смените две гондоли, едната ќе ве однесе до првиот дел, кој се нарекува Моро де Урка, од тука имате веќе убав поглед над градот и населбата Урка. Втората гондола ќе ве однесе до врвот на шеќерната глава 396м, од каде што ќе имате 360 степени поглед на целиот град и доколку времето е сончево ќе уживате во едно од најубавите зајдисонца на светот, токму тука во Волшебниот град. Картата за жичарата е 76 R$. Има бесплатен интернет.

 

  • Прошетка низ населбата Урка, кејот е одлично места на зајдисонце, и доколку имате време посета на црвената плажа Praia vermelha
  • Посета на статуата на Исус (совет- појдете накај статуата рано сабајле, гледајте во 8 веќе да бидете таму, за да влезете помеѓу првите и да успеете барем на кратко да поуживате без многу гужва, бонус совет – понесете со вас марама за да ја сокриете гужвата позади вас на слика. Влезот чини 40 R$ 

 

  • Панорамски поглед од видиковецот Санта Марта – доколку немате сопствен превоз, местово е малку недостапно. Лесно е да се дојде до него со убер или такси но за враќање ќе бидете принудени да се вратите само со такси бидејќи убер нема пристап во таа насока за враќање. 

 

  • Планинарење на планината Dois Irmaos и изгрејсонце над Рио – 40 минути стрмно искачување по лизгав терен, потење, инсекти, растенија, палми, фавели – сето тоа вредеше за погледот што го имавме во 6 часот наутро. Ќе го дефинирам како едно од најубавите изгрејсонца во Волшебниот град 

 

  • Посета на фавела Видигал – во склоп на турата со планинарење, фавелите Видигал и Рошиња (најголемата во Бразил), сега овие фавели се помирени и полицијата има контрола над работите, може да носите фото камера со вас и да сликате, но да не ги сликате луѓето и внатре во куќите. Со оглед на тоа што поминувавме рано наутро немаше многу луѓе, само по некое куче и некој локалец. Можевме да видиме многу графити на сите страни и скоро секоја куќа по зидовите имаше белег од куршуми. Сепак во фавелите се наоѓаат најубавите места со панорамски поглед, особено во последниот период во фавелите почнуваат да се отвараат барови, ресторани кои што стануваат се попознати. Токму над фавелата Видигал, се наоѓа и викендичката на Дејвид Бекам. 

Животот во Рио е претежно скап, во маркетите во Јужниот дел на Рио (Копакабана, Леме, Леблон, Ипанема) каде што и најмногу се препорачува да бидете сместени како најбезбедни места, цените се навистина солени. За среќа во градот на секој чекор има мензи со готвена храна која се продава на кило, па така најефтината менза беше 100гр по цена од 1 евро. Има доста голем избор и навистина е препорачливо за ручек, а доколку огладнете пред или после ручек може да пробате нешто од нивната улична храна, како на пример тапиока (палачинка со брашно од тапиока со додатоци по ваш вкус), познатиот леб со сирење, кошиња , бригадеиро, асаи …

За движење низ градот скоро сите препорачуваат да користите убер, и во краен случај јавен превоз. Мој совет за сместување е аирбнб или хостел. Има огромен избор и на скапи и модерни хотели, на Ипанема се наоѓа еден од попознатите хотели Фазано, место каде што најчесто престојуваат богати и славни ѕвезди, хотелот има многу убав базен на кровот со одличен поглед на Ипанема и планината Dois Irmaos.

На почетокот на Ипанема ќе ја најдете и статуата на познатиот кантавтор Том Жобим, основачот на боса новата, во истоименото маало се наоѓа и неговата родна куќа.

И за крај мојот заклучок е дека навистина еднаш во животот треба да го посетите Рио, затоа што магијата што се чуствува низ градот не може да се опише со слики и зборови, а штом еднаш ќе го посетите, градот остава белег во вас и повторно ќе ве повикува назад на повторна средба, помеѓу бранови, златна светлина, каипириња и самба.