Сицилија е мојот предлог за вашето следно патување, убава медитеранска дестинација, каде што има одличен спој на традиција, култура, плажи, сино море и превкусна храна. Ви препорачувам да го направите ова патување во месец мај или месец септември, кога цените не се толку скапи и кога нема премногу туристи, а сепак климата е убава. Подолу ќе најдете и подетални информации за превоз, сместување и цени.
За ова патување ви се потребни:
- пасош
- пари
- голем ранец за патување, по можност од 40л па нагоре
- лесна летна облека, пар фармерки и џемперче, патики и апостолки
- трпение и желба за истражување
- македонско – италијански разговорник
- добра организација
За организацијата ќе ви помогнам јас, а за се останато ќе се погрижите вие 🙂
Што да посетите:
- Catania – Etna – Acicastello – Acireale (посветете 2 до 3 дена, дневни екскурзии до вулканот Етна и до малото рибарско селце Aci Castello, останатото време посветете го за разглед на Catania, за жал во самиот град и нема некои убави плажи со кристална вода.)
- Siracusa – Marzamemi – Isola delle correnti (посветете 2 до 3 дена, прошетка низ историскиот дел на Siracusa, убави плажи наоколу “Arenella”, “Fontane Bianche”, “Penisola della Maddalena”. Marzamemi е мало рибарско селце, одлично место за релаксација и добра храна. Isola delle correnti е многу мало островче кое што се смета за најјужната точка на Италија)
- Agrigento – Valle dei Templi – Scala dei Turchi (и тука се доволни околу 2 до 3 дена, “Valle dei Templi” т.е. Долина на Храмовите е археолошко наоѓалиште на храмови и други остатоци од времето на Античка Грција. “Scala dei Turchi” е огромна бела карпа која што наликува како да има извајано скали на неа, и се наоѓа над самото море.
- Palermo – Cefalu – Mondello (2 до 3 дена и за Palermo и околината, Cefalu е уште едно типично сицилијанско рибарско селце, а Mondello е една од најубавите плажи сместена во самиот град Palermo.
- Trapani – Erice – Marsala – Riservа dello Zingaro – Isole Egadi ( 4 до 5 дена, Trapani е мало гратче но со многу добра стратешка позиција, за разглед на градот доволен е и половина ден. Erice е мало средновековно гратче кое што се наоѓа на едно ритче во Trapani и ви овозможува прекрасен панорамски поглед на медитеранот, градот, и околните острови. Marsala е уште едно гратче во близина на Trapani, познато по солените базени, тука се вади морската сол и може да ја погледнете целата процедура на преработка. Riserva dello Zingaro е национален парк со прекрасни плажи и природа. Isole Egadi ги сочинуваат островите Levanzo, Favignana и Marettimo, одличен избор доколку сакате да истражувате недопрени плажи, сина кристална вода и мали рибарски селца.
Како да стигнете:
Превоз од Скопје до Италија
· Скопје – Бергамо –Скопје со Wizzair
· Скопје – Тревизо – Скопје со Wizzair
Превоз од Милано/Тревизо до Сицилија
· Милано – Катанија/Комизо/Палермо/Трапани – Милано со Ryanair
· Тревизо – Катанија/Палермо/Трапани со Ryanair
· Милано Малпенса – Катанија/Палермо со EasyJet
· Понекогаш и националната италијанска авиокомпанија Alitalia има доста интересни понуди за летови низ Италија, така да добро е да се провери и таму.
Превоз низ Сицилија
· Catania – Etna – локален автобус, два пати дневно, препорачувам да го фатите првиот наутро во 8.15ч, цената е 5 евра повратна карта. Превоз од Catania до селцето Aci Castello – локален автобус, се стигнува за 30/40 мин цената на билетот е 1/1.20 евро.
· Catania – Siracusa има доста автобуси во текот на денот што одат натака, патувањето трае околу еден час, а билетот во еден правец чини 6 евра. Од Siracusa до Marzamemi и Isola delle Correnti би ви препорачала да си изнајмите кола или моторче.
· За да стигнете до Agrigento ќе мора да фатите автобус од Palermo или од Catania, за подетални информации http://www.saistrasporti.it/ , на пример доколу одите од Catania патувањето трае околу 3 ипол часа и картата чини 13.50 евра. Valle dei Templi и Scala dei Turchi се лесно достапни со локалниот превоз, влезница за археолошкото наоѓалиште чини околу 10 евра.
· Agrigento – Palermo – http://www.cuffaro.info , има повеќе автобуси во текот на денот, патувањето трае околу 2 часа а билетот чини 9 евра. Од Palermo до Cefalu се стигнува со воз за еден час и билетот чини 5.60 евра. До Mondello со локален автобус, 1/1.50 евро.
· Palermo – Trapani ви предлагам да одите со воз, затоа што има навистина убави пејсажи, патувањето трае околу 4 ипол часа и чини околу 11 евра. Од Trapani до Marsala воз, се стигнува за половина час и чини 3.50 евра, од центарот на Marsala до солените базени има некои 10 км, има локален автобус или може да си изнајмите велосипед за некои 7 евра. Trapani – Riserva dello Zingaro – автобус до San Vito Lo Capo http://www.aziendasicilianatrasporti.it:8080/, доколку сте во можност да изнајмите кола или моторче би ви завршило огромна работа. Тrapani – Isole Egadi – траект, 35 мин возење, 10 евра во еден правец. На островот Favignana за 8 евра може да изнајмите точак и да го прошетате целиот остров. Од Favignana до Levanzo траект, 10 мин возење 4.70 евра.
Каде да спиете:
Моја препорака е да спиете во хостел или во некој приватен B&B. Во месец мај и септември може да најдете приватно сместување за многу помалку пари отколку во јуни, јули, август. Секако подобро е да преспиете во поголемите градови па од таму да одите низ помалите места. На пример во Catania топло ви го препорачувам хостелот “Ostello degli Elefanti”, http://www.ostellodeglielefanti.it/en/, каде што ќе најдете сместување и за 19 евра од ноќ. Во Palermo исто така цените се движат околу 19 евра за скромно нормално сместување. Во Трапани нема хостели, B&B “Bella Trapani”, тука во септември најдовме сместување за 25 евра приватна соба, местото е доста централно и до пристаниште и до стариот дел на градот.
Што да си купите:
Би ви препорачала да си понесете ситни колачиња направени од бадем или фстак, млеко од бадем кое што може да си го приготвите и дома. Сицилијанско вино од Marsala. Туна од Marzamemi. Убав камен од вулканска лава од Etna. Типична сицилијанска количка, или маичка со Don Corleone. Марципан. Ќерамички сувенири од Caltagirone. Маслиново масло.Чоколадо од Modica.