Ако некогаш сте ја читале Хајди и сте се запрашале дали навистина постои такво место еве јас ќе ви одговорам дека постои, се наоѓа на околу 1000 и нешто километри од Скопје и името му е Санта Магдалена.
Санта Магдалена е мало селце, сместено на Доломитите во близина на италијанско – австриската граница. Најлесниот начин да стигнете до ова место е со Wizzair до Тревизо, Венеција, а потоа со кола фаќате автопат накај Болцано Бресаноне. Доколку се одлучите на варијанта воз, ќе треба да се симнете во Бресаноне па од таму со некој локален автобус да стигнете до селцето. Патот до местото е одличен, гледате само зеленило, убави планински куќички и по некое рекиче. Возејќи по кривините и ридовите наеднаш се отвараат огромни карпи, многу зеленило и еве сме веќе во Санта Магдалена, местото е навистина магично.
Патувавме пред почеток на висока сезона, крај на мај, па така цените не беа уште многу високи, хотелчето што го најдовме тој период беше празно, па затоа имавме среќа да ја добиеме најубавата соба со поглед на огромните карпи и зелени ливади. Само што пристигнавме во апартманот не чекаше топло испечена пита со јаболка, за добредојде. Хотелчето беше навистина на добра позиција и со супер цена, апартман за три лица од ден не чинеше околу 60 евра. Со оглед на тоа што беше крај на мај и бевме на планина времето сеуште беше свежичко па така имавме вклучено и греење во цената. Ако се решите и вие за овој период, задолжително земете си јакна и подебела облека!
Кога се раздени навистина имаше што да видиме, у право била Хајди, нема да зборам ќе се обидам да доловам со слика. Ах и да не заборавам, вработената во хотелот, која што замислете се викаше Хајди хахах чудно зар не , секое утро ни носеше свежо испечен леб од селската фурна!
Денот го посветивме за истражување на околината и планинарење, решивме да се качиме до бачилата на планината. Патот што водеше нагоре и не е баш краток, ако сте во добра форма ќе ви требаат околу 2-3 часа, а ако не сте (како мене) ќе се обидете да одите автостоп. По патот можеше да се качуваат само теренски возила, тоа беа пред се луѓето што работеа горе на планината.
Првиот џип што го сопревме воопшто не ни застана, вториот застана, внатре беа маж и жена сопственици на едно од бачилата, родени во местото што се смета Италија но од италијански ни и, тие беа австријци во душа, збореа еден крш италијански и почнаа сумљиво да не гледаат, им беше страв да не качат да не не дај боже им направиме нешто, сепак на крај се смилуваа и не префрлија до бачилата. Горе беше навистина убаво, но многу ладно а и сеуште имаше снег кој не беше стопен. Помеѓу едно бачило и друго седнувавме на чај, супа, кафе за да се стоплиме, а цените и не беа баш евтини. Во бачилата претежно работат цели семејства, од најмали до најголеми, еден готви, друг служи, дедото свири на хармоника, и така си го поминавме денот на планината а потоа решивме да ручаме во еден од рестораните во селото.
Во селото времето беше доста потопло и сонцето сеуште блескаше над зелените ридови, мислиш послале зелен тепих па иди тркалај се по него ако сакаш. Се искачивме до главната црквичка па од таму уште малце погоре, и на сред ливада имаше една клупичка и овој поглед.
Просто човек да занеми од зеленило, природа и убавина. Си викаш како е можно сето ова собрано на едно место. Уметничка слика.
После добриот одмор во природа се упативме накај градот Болцано, доколку сте во близина ви го препорачувам да го посетите, интересно планинско гратче, повеќе изгледа како да се наоѓаш во Австрија отколку во Италија, но местото беше супер, се шетнавме низ градот, пиевме по еден аперол, јадевме кебап, пиевме кафе и си го фативме патот накај Венеција.
***Буџет по лице за 3 дена ***
-40 евра повратна авионска карта Скопје – Тревизо – Скопје
-15 евра бензин за цело патување
-15 евра патарини
-15 евра храна од супермаркет
-40 евра сместување