Боливија и Перу-За да стигнете до Puno на езерото Titicaca, има два начина, автобус или авион. Јас го одбрав полесниот – лет Lima – Juliaca, час и половина доста турбулентен лет, каде што луѓето се јавуваат на телефон на сред лет и стјуардот ви вели слободно да си ја земете маската за кислород ако немате воздух. Уште пред да одиме натака, стапивме во контакт со еден каучсурфер, и дечкото ни рече, со оглед на тоа дека пристигнувате навечер, штом излезете од аеродром одма фаќајте комби и да ве нема, Juliaca бил преопасен град.
Аеродромот во Juliaca има само две порти, така да одма излеговме и веднаш пред самиот аеродром најдовме комби, кое што за околу 40 мин возење по цена од 15 солес требаше да не однесе до Puno. И како што напоменав во претходните мои постови, додека комбито не се наполни нема тргнување, така шоферот на скала се качува на кровот на комбето ги реди ранците, куферите убаво ги врзува и тргнуваме. Патот неосветлен, возачот вози како луд, стандард. Среќа не остава директно пред хотелот. Во хотелот каде што живееше и нашиот пријател каучсурфер, успеа да ни направи добра цена за двокреветна соба, околу 20 солес од човек. Истата вечер нашиот пријател не пречека со чај од муња за енергија, фстаци и лепчиња со разни видови на намаз. Убаво не предупреди дека се наоѓаме на висина од 3800м и да се пазиме. Дечкото спортист, со доста активен начин на живот, кога прв пат се преселил во Puno, му пукнала артерија од носот, баш поради висината. Секој организам различно ја прифаќа оваа висина и затоа е најубаво да се пие многу чај од кока или муња и убаво да се прилагодите на климата. Арно ама ние имавме само еден ден за Puno и потоа патот не водеше накај Боливија.
Puno
Интересно мало гратче, полно со традиционално облечени перуанки и перуанци. Сабота беше доста хаотичен ден низ градот, пазарот преполн, а и црквите преполни со луѓе и свадби. Имаше една тетка на пазарот што цедеше сокчиња од банана, портокал и ананас и продаваше сендвичи со сирење и јајце на око, тоа беше еден од најубавиот доручек во Перу, за само 4 солес. Сепак Puno е најпознато по пловечките UROS острови кои што се наоѓаат на езерото Titicaca на само половина час возење со брод. Доколку се организирате сами, за 10 солес може да си најдете бротче до островите, но ние сепак решивме да одиме со организирана тура, за 25 солес.
Не оставија на еден од многуте островчиња каде што живее локалното племе. Сите беа облечен во нивните традиционални шарени облеки и не дочекаа поздравувајќи не на нивниот ајмара јазик. Во меѓувреме ни објасниа дека на островот живеат неколку семејства. Ни покажаа како готват и како ги прават островите и бродовите од тортора, а кога тортората е зелена долниот дел го користат исто така за јадење. Порано воглавно живееле од риболов, но сега претежно од туризам. Ни понудија да ги посетиме нивните домови и да се сликаме во нивната традиционална облека, а за крај не прошетаа со нивните бродови и додека ние се сместувавме на бродот жените од островот не испратија со песната Vamos a la playa и на крај замафтаа групно Hasta la vista babies.
Патот од Puno не водеше накаj La Paz, а попатно може да отидете и до Copacabana уште едно познато место на езерото Titicaca од страната на Боливија. Доколку ја земете мапата на езерото Titicaca и ја свртите наопаку, ќе забележите пума како брка зајак.
Во Copacabana имавме прилика да прославиме Нова Година, и беше навистина интересно како сите луѓе играа и се забавуваа на сред улица до рано наутро. Copacabana е доста туристичко место, особено поради Oстровот на сонцето (Isla del Sol), каде што може да стигнете со брод за само еден час и таму може да кампувате и да преноќите во тотално недопрена природа, каде што освен во хотелот и ресторанот нема ни електрична енергија, преубава панорама на езерото Titicaca и преубави пејсажи.
Граница Перу-Боливија и визен режим
За да влезете во Боливија, топло ви го препорачувам граничниот премин Copacabana а не Desaguadero, и двата се дива лига, но вториот е доста поопасен, и изгледа дека криминалци работат на границата, затоа што на мој пријател му се имало случено да му ја бараат фото камерата затоа што немал доказ дека е негова, и многу други слични ситуации. Стигнавме на границата и јас знаев дека ми треба виза, среќа запоазнав едни Бугарчиња во автобусот па заедно бевме во иста каша со визата. Во амбасадата на Боливија во Лима ми рекоа дека без проблем ќе добијам виза на граница, ми дадоа ливче со потребните документи и никој ништо не кажа за пари. Така јас спремна со сите можни документи, одам на шалтерот, кој што се наоѓаше во една шупа пред распаѓање и ми вели вработениот (мислиш од улица го собрале), треба да покажеш доказ дека имаш карта за да се вратиш во Европа. Молам?? Тоа нигде не го пишува, ама ок, не сум во можност да се бунам. До шупава со шалтериве, друга шупа со фотокопир и еден дечко што прави сè, буквално сè, од принтање, до фотокопир и до лажни хотелски резервации. Значи криминалци невидени, поврзани, единствени глупави таму сме ние туриститте, ама од што мораме. Одам да си ја испринтам картата од маил, ми вика ааа не хотмаил не отвара компјутеров, ок се снајдов некако, и ете да излезам да одам да си ја побарам визата, влага едно девојче американка, на неа и побарале резервација од хотел, и и рекле оди слободно кај фотокопирот ќе ти помогне. Влезе девојчето и младичов боливијанец и вели, што се секираш не паничи јас правам лажни резервации, за секунда не среди сите. Влегувам јас повторно на шалтерот и ми ги прегледаа документите, и само ми рекоа ок 90 долари. МОЛАМ?? А може да ми кажете каде ја пишува оваа цена? Мене ми рекоа дека е бесплатна визата во краен случај на граница се плаќа не повеќе од 50 долари, но тоа е, лотарија, тој ден решиле 90, и за мене и за бугарите, пошо само за американциве као има стандард цена 160 долари, и на интернет си пишувало. Се расправам јас на шпански како сите пари ми ги собрале, они си се смеат, мислиш со комуналец на улица правиш муабет не со цариник на граница. Ме сликаа и ми ја залепија визата во пасош. Сега ми притекнува зашто тетката во амбасадата на Боливија во Лима нејќеше таму да ми ја даде визата. Бјенвенида ен Боливија де мјерда Еленита.
Мал совет, за сите што планираат да го прават истово патување, во Пуно има конзулат на Боливија каде што одма ви ја даваат визата бесплатно, се наоѓа блиску до главниот пазар. За моја несреќа во сабота конзулатот беше затворен.
За излез од Боливија немав никаков проблем, но за повторен влез во Перу на истиот граничен премин од каде што излегов искочи дека Македонија не постои во систем и еден час се мислеа што да прават и од која држава да ме пишат, очигледно сум првата Македонка што патувала од Боливија накај Перу. На крај чичкото ме праша, а ова Србија каде е? На граница со Македонија му викам, Ок вика, ќе те пишеме дека си од таму па ќе објаснам јас тука што се случило и нема да имаш проблем кога ќе треба да го напуштиш Перу. Инаку границата работи само до 7 часот навечер, а после тоа само Господ знае каков наркотрафико се одвива тука.
Од Puno до La Paz ни рекоа дека се потребни 6 часа, стигнавме за 10 часа. Во Јужна Америка е НЕВОЗМОЖНО едноставно НЕВОЗМОЖНО да организирате и да планирате. По патот имаше еден дел каде што требаше да дојдеме од другата страна на езерото, не истоварија од автобусот и ни рекоа, вие на чамец а автобусот оди на траект, платете си по 2 боливијанос и се гледаме на другата страна од езерово. АДИОС. Траектот каде што го ставија автобусот всушност беше сплав, а чамецот кај што се качивме ние за малце што не не преврте негде по патот, среќа возењето беше само 10мин.
La Paz
Највисокиот главен град на светот, главниот град на Боливија.
Многупати бевме предупредени да не остануваме ниту еден ден во La Paz бидејќи нема што да се види во градот.Во право беа сите. Боливија е најсиромашната земја во Јужна Америка, доста неразвиена инфраструктура и ѓубре насекаде. Народот некако ладен и нерасположен за туристи. Сиромаштија. Еден мал детал, куќите не се нумерирани така да невозможна мисија кога требаше да стигнеме до нашиот хостел. Единственото убаво нешто што го имаат во La Paz е жичарата која ве носи до врвот од каде што имате поглед на целиот град, кој што се наоѓа во дупка. Во близина на La Paz исто така се наоѓа и Долината на Месечината (Valle de la Luna) и Патот на смртта (Death road) , каде што организирано, агенции за 350/400 бол ве носат на тура со точаци по патот на смртта, ако ви се возат 4часа велосипед на 3600м надморска височина, слободно.
Во La Paz се наоѓа и Пазарот на вештерките (Mercado de las brujas) , таму ќе најдете секаков тип на магија. Бела или црна. Разни прашоци, парфеми, привезоци. За среќа, за љубов, за пари, за све. А тетките се таму за убаво да ви објаснат како и кога да ги користите.
Следна станица УЈУНИ.