Ла Паз Боливија – 5 места кои треба да ги посетите ако еден ден патот ве наведе накај Ла Паз, главниот град на Боливија и воедно еден од највисоките главни градови на светот.

1.Телеферико

Телеферико е Жичарата која што за само 3 бол (околу 25 денари) ќе ве однесе на една од највисоките точки од каде што може да го набљудувате градот. Ви ја препорачувам жолтата линија која што оди подалеку. Одлична можност да видите од колку мали куќички напикани една во друга е составен градот Ла Паз, а од друга страна да ги видите и модерните високи згради кои никнуваат низ градот. Жичарата е единствена можност да пристигнете за брзо време до центарот на Ла Паз до највисоката населба Ел Алто.

La Paz
Teleferico

2. Пазар на вештерките (Mercado de las brujas)

Пазарот на вештерките е едно од најмистичните места во градот. Всушност и не станува збор за типичен пазар туку за неколку улички полни со мали дуќанчиња. Тука ќе пронајдете сè, привезоци за среќа, традиционални предмети што може да се купат како лек за многу болести, несреќа и сл. Токму на овој пазар ќе пронајдете и фетуси од лама кои што се ставаат во темелите кога се гради некоја нова куќа и штитат од уроци. Има и еден куп на парфеми, за да привлечете пари, љубов, секс и што ли уште не. Интересно е тоа што тетките кои што продаваат на пазарот се секогаш спремни на сериозен начин да ви објаснат како функционираат работите што ги продаваат и да ви дадат упатство како да ги користите.

La Paz
Mercado de las brujas

3. Cholitas luchadoras

Станува збор за борба меѓу жени кои што се облечени во типична шарена облека од Боливија, со долги плетенки и шапки на главата. За само 50 бол (околу 400 денари) може да присуствувате на една ваква борба меѓу жените. Навистина кога се во рингот тие се тепаат крвнички, и покрај тоа што надвор од рингот се пријателки. Најголем дел од нив не го работат ова поради пари, туку пред се поради слава. За да може да започнат да се борат, мора да поминат прво една година обука и после тоа ако ја поминат може да влезат во рингот.

Bolivia

4. Долина на месечината (Valle de la luna)

Долината на Месечината се наоѓа на само 10 км од Ла Паз. Место кое што едноставно ќе ве воодушеви со разновидните карпести форми кои што се формирале долги години со ерозија. Долината наликува повеќе на кањон кој што личи како да се наоѓате некаде на Месечината.

Valle della Luna

5. Патот на смртта (El camino de la muerte)

Патот на смртта, станува збор за најопасниот пат на светот, стрмен, тесен и без никаква заштита од страните. Денес овој пат е вистинска туристичка атракција, пред се за велосипедистите. Ако сакате малце адреналин, тогаш да, дефинитивно треба да го направите тоа. Туристичките агенции нудат еднодневни екскурзии по цена од околу 300 бол (околу 2 400 денари). Во оваа цена е вклучен трансферот, велосипедот, водичот и храната. Добра работа е што не треба да сте професионалци за оваа тура, може да се пријави секој, доволно е само да не пати од височина бидејќи се вози на 3.500м надморска височина околу 5 часа, но се спушта и на места од 1.800м. Девојката што работеште во агенцијата ни објасни дека позади велосипедистите цело време има комбе што ги следи, така да во случај ако некој се измори или се откаже се качува во комбе и продолжува со нив. Навистина адреналинска тура и воодушевувачки пејзажи.

Death road

 

 

*некои од фотографиите слободно се превземени од интернет и сите права припаѓаат на нивните сопственици