Сан Паоло или како што скратено го нарекуваат Сампа е најнаселениот град во Јужна Америка – околу 12 милиони луѓе, градот е економски и бизнис центар, па затоа многумина до сега ми рекоа дека и нема нешто особено да се види во Сан Паоло.

Сепак нашиот лет за враќање кон Европа беше од Сан Паоло па така одлучивме да посветиме барем два дена и сами да заклучиме што има да се види. Со оглед на тоа што имав неколку пријатели кои живеат во Сан Паоло, организацијата беше полесна.

Сан Паоло се наоѓа јужно од Рио, до тука може да стигнете со автобус или со авион. Автобуското патување трае околу 6 часа и билетот е околу 30 долари, а доколку летате со авион и не биде некоја висока сезона како Нова Година или Карневал, може да начекате авионска карта по иста цена, за околу 35 евра.

Во Сан Паоло гледајте да бидете сместени во зона каде што има метро станица, градот е огромен и навистина се е далеку. Препорачливи населби за сместување се Вила Магдалена или Авенида Паулиста, ние бевме сместени во Hostel Alice во Вила Магдалена, оваа населба е позната по ноќниот живот, голем избор на барови, ресторани и кафичи.

За наша несреќа во Сан Паоло не пречека дожд, и не престана да врне скоро два дена. Летните сезони во Бразил се дождливи така да многу често се случува да врне.

Првиот ден се прошетавме низ Авенида Паулиста, огромен булевар со високи и модерни згради – деловниот центар на градот. На булеварот имаше и неколку шопинг центри и ништо друго, згради, згради и само згради.

San Paolo
Avenida Paulista

 

Вториот ден го посветивме на паркот Ибирапуера, тука се наоѓа Аудиториумот Ибирапуера дизајниран од Оскар Ниемејер, Афро-Бразилскиот музеј, Музејот на модерна уметност. Паркот е навистина убав и може да имате убав поглед на деловниот дел од градот и огромните згради кои се извиваат од сите страни, но сепак погледот е поубав за време на сончеви денови. Влезница во афро-бразилскиот музеј беше 7 реалес, а пак во Музејот на модерна уметност не успеавме да влеземе бидејќи се реновираше. Секој вторник влезот во Музејот на Современа уметност е бесплатен, па со оглед на тоа дека надвор истураше се одлучивме да го посетиме и тој музеј кој има одлична тераса на врвот од каде што имате убав поглед на градот.

 

 

 

 

Откако малце од малце се расчисти и потпрестана да врне, се упативме кон маалото Либердаде, каде што живее најголемата заедница на Јапонци во Бразил, исто така во Сан Паоло живее и најголемата заедница на Италијанци во Бразил. Либердаде беше полно со јапонско – кинески продавнички и ресторанчиња со јапонска и кинеска храна, доволен вие еден час да свртите некој круг и доколку сакате да пробате нешто од нивната храна.

San Paolo
San Paolo

 

Од Либердаде решивме да се упатиме накај стариот дел на градот и да ја посетиме Катедралата, тука пред да излеземе од такси, шоферот не предупреди да внимаваме. Надвор имаше полиција која внимаваше на безбедноста, но сепак убаво е да бидете претпазливи и да не се шуткате многу со телефон/апарат во рака. Околу Катедралата имаше неколку улици пешачки зони со продавнички, но ништо посебно. Вечерта успеавме да излеземе во некои од локалните барови со моите пријатели од таму, доколку барате некое алтернативно место, каде што најчесто излегуваат уметнички души, тогаш посетете го барот Marcearia Sao Pedro .

Убер од центарот до интернационалниот аеродром ГРУ, ќе ве чини околу 70 реалес.

San Paolo
La Cattedrale