Шефшауен е светски познат како еден од најшарените градови во светот. Станува збор за мало планинско гратче кое што се наоѓа на само 200 км од Фез. Баш поради тоа дека е мало место многумина се одлучуваат да одат само на еднодневна екскурзија. Исто и ние се одлучивме за таа варијанта.
Патувањето од Фез трае околу 4 часа, бидејќи шоферот прави една поголема пауза. Првиот автобус од Фез тргнува во 8.00 а последниот за назад е во 18 часот, компанијата е СТМ, една од двете најголеми, најорганизирани и безбедни автобуски компании, другата е Супратурс. Повратен билет Фез-Шефшауен-Фез чини 130 дихрами (13 евра).
За време на патувањето пејзажот беше навистина интересен, огромни полиња со сончоглед, ниви на кои работат цели семејства, мажи кои си ги возат жените на магариња, стада овци кои го блокираат сообраќајот па мора да им свириш и да чекаш да поминат итн.
Од главната автобуска станица до медината на Шефшауен може да се пешачи (околу 30 мин) или пак да се фати такси, да не плаќате повеќе од 10-15 дихрами (1-1.50 евро). Нашиот таксист беше толку комуникативен што збореше дури и шпански, и ни раскажа дека негов најдобар другар е женет у Шпанија со некоја Македонка, незнам дали беше за верување работата ама ок, си напраивме муабет.
Главната атракција на гратчето е медината, каде што може да се шетате и да уживате низ тесните улички и куќички сите во плаво бела боја, и атмосферата станува пошарена со сите оние разнобојни килими, марами, ламби изложени на секој чекор.
Можеби ние баш се погодивме во некој убав период кога немаше многу туристи, па така не осетивме некоја голема турканица, баш напротив, на секој чекор сретнувавме локални жители, деца кои трчаат низ тесните улички, си играат и се прскаат со вода, а ние продолжувавме да се прашуваме како успеваат да си го најдат патот до дома низ овие тесни и преплетени улички.
Освен Медината, нашата пријателка од Фез, ни рече дека мора да ги посетиме и водопадите, една од главните атракции во градот, на кои што многу често жените перат алишта и теписи. Нашето очекување беше водопади во сред природа, но се зафркнавме, водопадите беа како една чешмичка која што се спушташе во рекичката и горе на еден бетон испружени теписи врз кои деца играат фудбал во вода. А доле неколку кафичи, со столчиња наредени во реката и наоколу хаос, сите јадат, деца дојдени на екскурзија се шетаат по чорапи, едноставно да незнаеш каде да погледнеш попрво.
10 минути пешачење нагоре од водопадите се стигнува до Шпанската Џамија, од каде што има панорамска глетка на целиот град, ни рекоа дека по патот можно е да сретнеме и насади со мариуана но сепак такво нешто не заприметивме, и покрај тоа што се знае дека околината на Шефшауен е најпозната по производство на хашиш.
Уште една атракција на градот е Kasbah, замок кој на времето бил затвор. За крај после напорната прошетка низ градот ви предлагам да се освежите со свежо цеден сок од портокал, за само 7 дихрами (40 денари), портокалите ги ладат во една огромна вангла каде што цело време има црево и тече ладна вода.
Доколку сакате да јадете нешто вкусно, ви го предлагам локалниот ресторан Bob Sour, кој што ни го препорача нашата пријателка од Фез, се наоѓа во близина на главниот плоштад, прашајте за името и ќе ви кажат во која насока. Местото има и панорамска тераса. Ние се одлучивме да јадеме tajin, типично мароканско јадење, тажин е специјален сад во кој што се приготвува храната, земјено декорирано тавче чиј што капак е во форма на конус со отвор на врвот. Има разни видови на тажин, со зеленчук, со јагнешко, со пилешко, сепак ние се одлучивме за вегетаријански и тажин со пилешко и маслинки. Јадењето беше навистина вкусно а и лепчето исто така. Цената на тажинот беше 40 дихрами, а шише вода 8 дихрами.
Во кратки црти ова се најбитните информации за Шефшауен, местото дефинитивно вреди да се посети, оставам на фотографиите да ви раскажат повеќе.