Хо Ши Мин или како што многумина сеуште го нарекуваат со старото име Сајгон, со своите 8 милиони жители е најголемиот град во Виетнам. 8 милиони жители плус по две три моторчиња по човек ќе добите навистина голема бројка на моторчиња и луѓе. И навистина градот е познат по тоа што има тродупло повеќе моторчиња од жители.

Ќе го користам името Сајгон затоа што ми звучи поубаво 🙂 Сајгон се наоѓа во јужниот дел на Виетнам и еден од двата града кои што се најмногу поврзани со интернационални летови. Значи ако патувате од Европа, или слетувате во Сајгон или во Ханој.

Со оглед на тоа што ние слетавме во Ханој и решивме да ја правиме турата север – југ, Сајгон го посетивме при крајот на нашето патување. Кога и воедно веќе бевме уходани у тој виетнамски свет 🙂 Нашиот итинерар беше навистина набиен и затоа решивме времето во градот да го посветиме на релаксација и не бевме воопшто заинтересирани за посета на туристичките главни атракции.

Како да стигнете?

Со авион од било кој национален или интернационален аеродром. Од северен Виетнам исто така може да изберете бус или авион. Ние летавме од Да Нанг до Сајгон за околу 30 евра, летот трае само еден час, па така може да заштедите драгоцено време и нерви. Сајгон има исто така добра локација доколку сакате да патувате во Камбоџа автобуски. Од тука тргнуваат неколку автобуси до главниот град на Камбоџа и до Сием Реап. Но запомнете патувањето по копно во Југоисточна Азија понекогаш е невозможна мисија, за 500 км пат ќе треба да го изгубите цел ден.

Saigon

Каде да се сместите?

Backpacker street беше зоната која што ја избравме за да бараме сместување. На следниов линк може да најдете повеќе инфо за хотелчето каде што бевме и цената. Но дефинитивно оваа улица беше преполна со хотели и хостели, ресторани, туристички агенции, барови, пазари, се беше во близина и тоа ни се допадна.

Што да посетите?

Како што веќе кажав порано ние одлучивме да имаме порелаксирано време во Сајгон, па така скокнавме многу од знаменитостите како што се пазарот Binh Tay, Музејот на војната, пагодата на Jade Emperor, Централната пошта и Катедралата Нотр Дам, да убаво слушнавнте Нотр Дам. Во Сајгон ќе приметите големо француско влијание, особено во архитектурата, сето тоа е бидејќи во минатото Сајгон бил француска колонија.

Сега ќе ви раскажам што успеавме да посетиме во Сајгон. Паркот – градина кој што е малку подалеку од градот Binh Quoi 1, далеку од хаосот и гужвата, опкружен со зеленило и многу лотуси.

Bing Quoi

Ги посетивме локалните продавнички и тесни улички на кои што навечер може да одите на масажа, маникир или педикир за навистина симболична цена. Баш додека се шетав низ едни помирни улички на кои исто така се наоѓаа вакви салони забележав дека уствари сите ги оставаат чевлите надвор и се изгледа дека е супер безбедно.

А навечер тука има и доста избор за ноќно журкање, од ресторани па се до барови и ноќни клубови. Ние се одлучивме за еден панорамски бар со прекрасен поглед на градот – The View Rooftop bar, местото е убаво и нема потреба од резервација, исто така и цените се супер.

Вториот ден во Сајгон го издвоив за посета на Меконг делта. Дефинитивно една од турите што мора да ја направите во Сајгон. Меконг воедно е најголемата река што поминува низ Југоисточна Азија. Токму тука на само стотина километри од Сајгон е формирана делтата по која што се одвива секојдневна трговија и каде што ќе видите како живеат луѓето на самата река. 

Цените на еднодневните организирани тури со тргнување и враќање во Сајгон се движат од 17 долари па нагоре. Во зависност од тоа кои места ќе изберете да ги видите, дали сакате да бидете во голема или во помала група и ред др. работи.

Мало појаснување и мој совет: доколку имате повеќе денови на располагање одете и сместете се во градот Ben Tre или Can Tho. Тие гратчиња се наоѓаат малку подалеку долж Меконг делта и од таму е полесно да се види поголем дел од делтата и да се посетат и пловечките пазари. Со турата од Сајгон успевате да стигнете само до првото (читај најтуристичко) местенце кое што се вика My Tho (убава дама). Од таму ќе пловите на мали чамчиња низ џунгла по реката, па ќе застанете на дегустација на вино од змија и карамели од кокос. Некако ептен туристички, но за жал сите агенции ја нудат истата понуда.