За да стигнете до Есаура од Маракеш потребни ви се околу 3 часа возење со автобус со попатнат пауза од 30 мин. Повратна карта ќе ве чини 120 дихрами, првиот автобус со компанијата CTM е во 8 часот наутро. Автобуската е доста блиску до центарот и до него може да се стигне пешки.
Градот е мал и доволен е еден ден да го разгледате. Нашата прва станица беше пристаништето и рибниот пазар. Ги начекавме рибарите штотуку вратени од лов и нивните сини чамчиња паркирани на пристаништето. Голема гужва на туристи кои љубопитно гледаа и сликаа измешани со локални жители кои беа дојдени да си купат свежа риба. А на момент се појавуваше и некој интересен лик кои што беше спремен да им позира на туристите, се разбира за пари.
Од пристаништето се упативме кон медината и стариот дел на градот, веднаш осетивме поинаква атмосфера за разлика од другите градови. Местото е доста раздвижено и модерно, има многу странци кои што се доселени токму тука, а исто така е доста познато и поради добрите бранови за сурфање.
Еден куп на модерни ресторани и барови, сурф продавници измешани со традиционални локални дуќанчиња. Цените беа за нијанса поскапи од останатите градови. Плажата во Есаура е доста голема но за жал и доста ветровита, бевме предупредени дека во градот често дува ветер, па така беше и тој ден, многу ветер и песок кој цело време влага во очи, невозможно да се седне на плажа и да се влезе во океан, а и водата не беше баш чиста.
Го поминавме денот шетајќи низ стариот дел и покрај плажата и сепак беше доста интересно искуство да се види и тој дел од Мароко, а и после толку денови во пустина, погледот на океан ни дојде навистина добро.