Кратка историја за Хои Ан
Градот во 17 и 18 век бил едно од најзначајните пристаништа во Југоисточна Азија, па токму поради тоа тука поминувале разни трговци од најразлични земји (Кинези, Јапонци, Холанѓани) а некои и останувале и си граделе свои куќи. Па токму затоа и е познат градот, по разновидната архитектура, како отпечаток на многуте влијанија од луѓето кои поминале од тука, особено Кинези и Јапонци.
Кинескиот и Јапонскиот акцент во архитектурата измешани со Виетнамскиот го создале Хои Ан кој можете да го видите денес. А пак кога во 19 век реката почнала да се суши и не било веќе возможно бродовите да доаѓаат во градот, тогаш се претворил во ова што е денес. Интересно мало туристичко гратче кое што раскажува стари приказни. И навистина на момент кога одите низ градот ви изгледа како да сте во некои кинески кварт, а следен момент како да сте негде во Јапонија.
Хои Ан е дом на многу храмови, пагоди и стари домови што го прават навистина уникатен и токму затоа во 1999 е признаен како светско културно наследство од страна на УНЕСКО.
Како да стигнете?
Најблискиот аеродром и железничка се наоѓаат на 40 км од Хои Ан, во градот Да Нанг. Нашиот воз од Нинх Бинг не остави точно во Да Нанг. Решивме да се сместиме таму бидејќи наредното утро имавме лет за Хо Ши Минх. Исто така во Да Нанг се наоѓа познатиот мост на змејот, кој што навечер е осветлен и ги менува боите. Да Нанг беше првиот супер модерен град што го видовме откако пристигнавме во Виетнам. Огромни висококатници, модерни хотели и барови, а навечер сето тоа осветлено, баш делуваше на некоја светска метропола. Ако сте барем двајца ајдобро е да си земете приватно такси од Да Нанг до Хои Ан и однапред да си ја договорите цената.
Каде да се сместите?
Како што веќе кажав ние се одлучивме да преспиеме во Да Нанг и на следниов линк може да го видите хотелчето и цените. Супер хотелче ако сакате панорамски поглед на познатиот мост.
Збор два за моите доживувања
Делот поради кој што сите одат во Хои Ан е дефинитивно стариот дел на градот. Тој дел е затворен за сообраќај и тука може да се движите само пешки или со велосипед. Исто така кога бевме ние се плаќаше некоја симболична сум за влез. Хои Ан е навистина бајка од магични фенерчиња. Мало шарено местенце, полно со продавнички, ресторанчиња и улични пазарчиња. Преку ден раздвижено, а навечер уште повеќе. Но кога ќе се спушти ноќта, тогаш ќе ја доживеете вистинската магија на градот. Наеднаш ќе се најдете опкружени со милион фенерчиња во разни бои. Доколку се погодите за време на фестивалот на полна месечина ќе имате плус уште една магија. И тука ќе ви стане јасно зошто Хои Ан е познат како најромантичниот град во Виетнам.
За време на фестивалот на полната месечина целата река е исполнета со свеќички. Можете да купите свеќичка од уличните продавачи, да си замислтие желба и да ја пуштите да плови по реката. Навистина глетката е магична, со сите исклучени светла од страна се гледа само светлината од свеќичките кои пловат по реката и полната месечина која насмеана набљудува од горе.
Што да си купите?
Хои Ан е местото познато по најдобрите шивачи. Тука може да си одберете фустан или костим по мерка што ќе ви биде готов за само 24 часа. Исто така може да си одберете и да ви сошијат и чевли по мерка за исто толку брзо време. Ако сакате нешто поситно тогаш купете си едно шарено фенерче за спомен од овој магичен град.
Што да јадете?
Палачинка од ориз и ако сакате улична храна пробајте mango cake (ова нема врска со манго, станува збор за десерт направен од леплив ориз, кикирики и шеќер. Името манго го добил бидејќи наликува на семката на манго)
Доколку за време на вашето патување во Виетнам решите да го посетите и заливот Халонг, прочитајте нешто повеќе на следниот линк