Камбоџа е уште една интересна земја во Југоисточна Азија која што нуди доста интересни места за посета, но сепак она најпознатото останува Ангкор Ват. Навистина се доживува некое посебно и уникатно искуство кога чекорите меѓу храмовите кои ги има насекаде, па дури и низ огромните корења на дрвјата. А додека се движите од еден храм до друг наеднаш се губите низ џунгла, каде што ќе видите по некој слон и мали мајмунчиња 

Како да стигнете?

Доколку одите само во Камбоџа тогаш дефинитивно треба да фатите некој лет од Европа до главниот град на Камбоџа, Пном Пен а потоа до Ангкор Ват. А доколку правите патување низ Југоисточна Азија и одлучите да одите од Виетнам накај Камбоџа, тогаш има неколку начини како да стигнете. Прв начин – авион, но зависи колку пари ви се трошат. Ние се одлучивме за авионски превоз од Сием Реап до Ханој и картата не чинеше околу 90 долари во правец, така да не е баш најевтино. Но имате и автобуска варијанта од Сајгон до Сием Реап, или од јужниот дел, од градот Ха Тиен. Цената е околу 20 долари во правец. Но да ве предупредам, станува збор за долго патешествие, ако тргнете наутро од Виетнам ќе стигнете доцна вечерта во Сием Реап.

Превоз – дополнително објаснување 🙂

Најоткачената работа беше тоа што луѓево многу лажат. На рецепција каде што ги купивме автобуските карти ни кажаа дека бусов иде директ до Сием Реап и дека до ручек сме таму, арно ама само што поминавме граница и после некој саат возење шоферот не истовара у еден град и вика чекајте тука друг бус. Од тука возење неколку сааата па не истовара у Пном Пен и тука не носат у едно две три агенции и викаат чекајте трет бус. Стигнавме во Сием Реап доцна вечерта. Залудно е да се нервирате, едноставно прифатете дека тука луѓето живеат на тој начин.

Мој совет е доколку имате повеќе време да останете барем една вечер во Пном Пен, главниот град кој станува се помодерен и покрај тоа што нема многу да се види.

Уште еден совет што го прочитав сегде и сите ми го кажаа истото е дека во Камбоџа треба да се избегнува да патувате навечер, бидејќи возат како луди и многу често се случуваат несреќи. Дека возат како луди имавме шанса да видиме и ние, и на момент си викаш боље да мижиш и да не глеаш. Исто така може да ви се погоди и надуван шофер за бонус адреналин при вожња 🙂

Виза?

За некои гранични премини може да аплицирате на интернет, а за некои мора на лице место. Визата на лице место ќе ве чини 35 долари за еден влез, доколку имате интернационална здраствена книшка со некоја примена вакцина ќе ве чини еден долар помалце 🙂

 

Каде да се сместите?

Сием Реап изобилува со преубави хотели, цената е толку ниска што стварно секој може да си дозволи хотелско сместување, истото важи и за Виетнам. Ние се одлучивме за еден бутик хотел Le Chantou Boutique Hotel, по човек 15 евра од ноќ со вклучен доручек. Местото беше прекрасно, со отворен базен и многу зеленило. И прекрасен и премил персонал. Не пречекаа со сок од јаболко и суво овошје, и вработените ни се поклонуваа на секое проаѓање и буквално ни беа на располагање за сè. Тука ни стана веднаш јасно дека луѓето во Камбоџа се многу пофини, или можеби беше така само во Сием Реап, затоа што сепак се работи за супер туристичко место. 

 

Што да правите?

Се разбира првото нешто за кое што сите доаѓаат во Камбоџа е Сием Реап и посета на Ангкор Ват. Најголемиот комплекс на будистички храмови во светот. Неколку битни инфо за Ангкор Ват: еднодневна влезница ќе ве чини 37 долари, тридневна 62 и неделна 72, секако ако останувате повеќе од еден ден земете ја таа за три дена или цела недела. На билетара ќе ве сликаат и вашата карта ќе биде со слика, чувајте ја внимателно затоа што цело време ќе треба да ја покажувате.

Друга битна работа е да си најдете добар шофер и тук тук. Би ви било многу од корист ако најдете шофер што збори англиски така што нема да ви треба водич. Да изнајмите тук тук на еден ден за да се движите околу храмовите ќе ве чини 15 долари.

Многу е битно од старт да знаете што сакате да посетите па така одма да ја направите маршутата заедно со шоферот. Совет што многу луѓе ќе ви го дадат е да ја почнете маршутата од обратна страна, на тој начин ќе ги избегнете големите гужви. На пример ако сите го почнуваат денот од Ангкор Ват вие одете и почнете од најодалечените храмови и на крај ќе завршите со Ангкор Ват. Исто така друг совет е да ги разгледувате храмовите само рано наутро, па за ручек да си кулирате покрај базен и повторно низ храмови после најжешкото. Местото е супер влажно и неподносливо топло, особено кога сте на отворено помеѓу храмовите.

Не заборавајте да си земете пристојна облека, на некои места нема да помине финтата со марама околу вас, мора да имате долги ракави!

Ние во три дена успеавме да ги видиме најголемите храмови: Angkor Wat, Bayon, Pre Rup (омилениот на туристите за зајдисонце, ние сепак отидовме пред зајдисонце) и Ta Prohm (последниов кај што Анџелина Џоли го има снимано Том Рајдер)

Angkor Wat бил изграден од кралот Suryavaram II и бил посветен на Хинду богот Вишну. Низ годините Хинду храмовите отстапиле место на будизмот и некои од храмовите и ден денес се сеуште користени од будистите.

 

Нешто што не треба да го пропуштите е изгејсонцето на Ангкор Ват. Станете навистина рано и веќе накај 4 ипол 5 бидете таму да си го фатите вашето место. Не ни се веруваше дека ќе има толку народ, но навистина беше преполно. Најдоброто место за фоткање е покрај големото езерце, бидејќи таму отсјајот во водата е најубав. Кога ќе го истражувате Ангкор Ват не заборавајте да застанете за минутка и да бидете благословени од будистички монах кој ќе ви врзе црвена алка за среќа, сето тоа со парична донација по ваша желба.

Cambogia
Изгрејсонце пред нас

 

гужва позади нас

 

Кога ќе ви здодее шетањето по храмови, тогаш упатете се накај Pub Street, улицата полна со барови и ресторани и најдобриот ноќен живот во Сием Реап. Ако не ви е доволна ни оваа улица, тогаш одете да го посетите ноќниот маркет кој се наоѓа во близина и повторно пуштете се во ноќен шопинг на шалвари, марами или дегустација на разни инсекти.

 

Сием Реап навистина не изненади со многубројни уникатни барчиња и ресторанчиња, и тука се осети влијанието на Австралијанци и Европејци кои почнале да отвараат локали во градот. Но сепак на крај остануваат убави спомени од ова место, пред сè поради гостопримството и премилите локалци од градот но и поради уникатното искуство што го нуди Ангкор Ват.