Дека нашето патување низ Бразил не беше воопшто лесно докажува и фактот дека на 1 јануари во 6 часот наутро ние требаше да стигнеме од Копакабана (која што беше буквално изолирана, блокирана и без пристап на возила поради прославата на новогодишната ноќ) до аеродром а од таму до Салвадор де Баија. За сета среќа на таксистите им беше дозволено да поминуваат низ главните улици па се осмеливме дури и сами да си запреме такси на сред улица и да договориме цена за до аеродром.

Од Рио де Жанеиро има директен лет до Салвадор де Баија и трае околу 2 часа, Рио и Баија се еден час разлика во временска зона. На аеродромот во Баија има и бесплатен интернет. Доколку сте барем група од три луѓе ви советувам да фатите такси од аеродром до центарот на градот кое што ќе ве чини околу 60/70 R$ по човек.

Salvador de Bahia
Salvador de Bahia

 

Нашето време во Баија беше сведено на 10 часа, затоа што беше попатна станица помеѓу Рио и североисточните делови на Бразил. Доколку сакате да го видите историскиот дел на градот кој што е заштитен од Унеско, Пелурињо, 10 часа ви се и повеќе од доволно.

Баија е град каде што е најмногу сконцентрирана афро бразилската култура, на времето Баија бил централниот пазар за размена на робови. Помеѓу другото Салвадор де Баија бил и првиот главен град на Бразил. Денес во Пелурињо бројот на жители е навистина намален поради дамнешната одлука голем дел од домовите да бидат реновирани, па затоа откако ќе се стемни не е препорачливо да шетате сами наоколу особено не со камера или телефон во рака, ние дури имавме и неколку предупредувања од луѓе кои што само ќе ни се приближат и ќе не предупредат да не одиме по некоја улица или едноставно само да пазиме. Всушност и на самата мапа како да имаше обележано по кои улички е ок да се оди а по кои не. Со оглед на тоа што ние бевме таму на први јануари рано наутро, градот беше навистина празен и скоро се беше затворено. Имавме можност мирно да се прошетаме низ уличките со колонијални градби во разни бои, на главниот плоштад тука се наоѓа и куќата каде што е сниман спотот на Мајкл Џексон – They don’t care about us.

Salvador de Bahia
Salvador de Bahia

 

Пред некое време читав една книга од познат бразилски писател Јорге Амадо, роден токму тука во Баија, книгата толку ме воодушеви што јас имав зацртано дека некој ден ќе појдам и ќе ја посетам Баија. Писателот толку сликовито го опишува регионот што вие во глава може да си ги направите точно сите тие слики како во реалноста. И не само историскиот дел на градот, туку и крајбрежјето на овој регион нуди многу рајски плажи и тропски пејсажи. На главниот плоштад се наоѓа и куќата музеј на Јорге Амадо. После кратката прошетка низ уличките наидовме на едно од неколкуте отворени ресторанчиња и седнавме да јадеме. Цените и не беа баш ефтини, но сепак ок со оглед на тоа што беше ресторан. Типично за овој дел е да пробате мокека (летна манџа) и фарофа (нешто слично на кус кус), ова во заграда преведено по мое за да ви доловам.

 

Salvador de Bahia
Salvador de Bahia

Пред ресторанот ни се приближи еден дечко и ни подари алки за на рака, кои што се заштитен знак за Баија. Алките се во различни бои и секоја боја означува нешто, еве мене ми даде темно зелена и тоа значело пари и растење. Традицијата со алките се верува дека има африканско потекло и дека служат како белезици за среќа и успех. Алката ви ја врзуваат во три чвора и на секој чвор си замислувате желба, треба да чекате сама да падне или да се искине за да ви се остварат желбите и носи несреќа доколку сами ја извадите или скинете.

Salvador de Bahia
Salvador de Bahia

 

Овие алки ги даваат како подарок на луѓето на секој чекор, но пред најпознатата црква во Баија Nosso Senhor do Bonfin, ќе забележите ограда преполна со овие алки и луѓе како доаѓаат од секаде, се молат, купуваат алки и ги закачуваат на оградата за здравје и среќа. Прославата на празникот на Бонфин е втора најголема прослава во Баија после Карневалот. Карневалот во Баија е еден од најпознатите во цел Бразил, многу често луѓе од другите градови на Бразил доаѓаат во Баија за да го прослават Карневалот и лудо да се забавуваат.

 

Salvador de Bahia
Salvador de Bahia
Salvador de Bahia
Salvador de Bahia

 

Во Баија освен историскиот дел Пелурињо и црквата на Бонфин не видовме нешто друго, а тоа е и поради фактот што имавме луда авантура со автобус додека да стигнеме од Пелурињо до Бонфин, мислејќи дека станува збор за возење од 10/15 мин, испадна дека се возиме околу еден час низ најстрашните и опасни маала низ Баија, каде што само ние бевме туристи за време на целото возење и каде што се качуваа најразлични чудни фаци кои што не гледаа само нас, а јас знам за тие искуства од моите другари од Бразил, како кај нив е сосема вообичаено некој да се качи во автобус да извади пиштол и да се закани да му дадете се што имате, среќа останавме целосни и со сите наши работи, а возењето и стравот не вредеа многу за тоа што го видовме.

Така да доколку и вие сте кратки со време ви препорачувам да се задржите само на историскиот дел на градот. Девојката што работеше во центарот за туристички информации не не предупреди воопшто дека црквата е далеку, и плус ни рече дека од таму може да го посетиме и познатиот светилник и да прошетаме покрај кејот. Кога ние решивме да се симнеме од Бонфин црквата накај светилникот, не направивме ни 5 чекори, не застана еден локалец и ни кажа внимавајте, не одете таму, опасно е. Не знам до што беше, но само во Баија ни се случи да бидеме предупредени неколку пати во текот на десет часа, дури се запрашавме дали само нас не предупредуваат или и сите останати туристи, затоа што беше навистина чудно. После нашето патешествие до Бонфин решивме да се вратиме до историскиот дел со такси, чичкото дури и збореше малку англиски и ни раскажа некоја приказна за градот а откако безбедни стигнавме во Пелурињо, веќе приметивме поголема раздвиженост на луѓе, локални барчиња и тезги. Седнавме на масичките пред тезгата на Кети и се почастивме со една тапиока. Цените во Баија се доста пониски од Рио, и за храна и за сувенири.

Salvador de Bahia
Salvador de Bahia

 

Заклучокот после нашиот поминат ден во Баија е дека имавме интересно искуство, видовме интересно место, пробавме вкусна храна и имавме адреналинско возење со локален автобус, се на се мене ми се допадна тоа што го видов, но сепак за да го истражите целиот тој регион потребно е многу повеќе време, особено за крајбрежјето каде што се наоѓаат дефинитивно едни од најубавите плажи во Бразил. Додека јас во глава си планирам некој нареден одмор во Баија, се качивме во такси за накај автобуската станица од каде што требаше да фатиме ноќен автобус за Масеио. Стандард муабет, на автобуската никој не збори англиски, но сепак успеваме да се снајдеме со мојот португалски кој што од мака стануваше се подобар и подобар. Патувањето до Масеио трае околу десет часа и чини околу 45 долари, за наша среќа автобусот има седишта кои што се претвараат скоро во кревет, клима и интернет.

Следна станица – Масеио, Марагожи, Порто де Галињас