Понекогаш навистина сакам да раскажувам приказни, особено за вакви мали магични местенца како Там Кок. Плус и имево некако ми се чини како да е излезено од некоја приказна.

Там Кок е всушност мало селце кое што се наоѓа во регионот Нинх Бинх на околу 100 км оддалеченост од главниот град Ханој. Обично најголем дел од туристите се одлучуваат за еднодневна екскурзија од Ханој. Ние решивме да поминеме барем една вечер, со оглед на тоа што патувавме скоро 4 часа од заливот Халонг.

Там Кок е исто така познат како Халонг на копно. И навистина многу потсетува на Халонг поради многуте карпести островчиња што се извиваат од оризовите полиња. Па затоа овој регион е познат токму по тоа, по оризовите полиња низ кои проаѓа река по која може да пловите.

Што да правите во Там Кок?

Првата работа е да земете чамче и да пловите низ оризовите полиња. Доколку се погодите во сезона кога се е зелено, искуството е навистина магично. Најинтересниот дел од овие пловечки тури се познатите локалци кои што веслаат со нозе. Очигледно доста извежбани кога ќе се изморат со раце ги префрлуваат веслата на нозе.

Мажи, жени, девојчиња сите си го знаат занаетот. А по патот низ реката ќе видите и многу луѓе кои си ја вршат работата на полињата и многу чамчиња кои што функционираат како пловечки пазари. За да пловите по реката се плаќа и некој вид на влезница која чини околу 4 евра по човек и цената на чамчето е околу 5 евра вкупно, така да ако сте повеќе луѓе си делите. 

Втора работа што треба да ја направите во Там Кок е да изнајмите велосипед и да се прошетате низ селцето и оризовите полиња

И последната задолжителна работа е да го посетите местото познато како Hang Mua или Mua Cave. Станува збор за мала планина на која треба да искачите околу 500 скали. Откако ќе ги искачите скалите на врвот на планината ќе ја имате средбата со познатиот змеј кој што се протега на врвот. Од таму ќе имате и воодушевувачки поглед на зелените оризови полиња, реката и малите чамчиња кои како мравки се движат низ полињата. Дефинитивно вредеше. Влезот ќе ве чини околу 2-3 евра.

Ако решите да преспиете една вечер во Там Кок, дефинитивно ви го препорачувам Tam Coc Bungalow, повеќе инфо со слики и цени клик тука. Местото беше навистина како од бајка. Бунгаловите покрај река, градината со палми и многу зеленило. Вистинско место за уживање.

За крај ќе напоменам дека низ Нинх Бинх поминува и возот што ќе ве однесе до централниот дел на Виетнам – Да Нанг. Сите велат дека е уникатно искуство да се возиш со воз во Виетнам, па решивме да пробаме. И да, навистина беше уникатно и НЕЗАБОРАВНО. Никогаш повеќе. Стари, бавни и нечисти возови, со климата пуштена на најако.

Додека го чекавме возот имавме и една интересна случка. На малата железничка станица у сред пустелија сретнавме наши сограѓани. И многу ми е мило што се повеќе и повеќе млади луѓе се одлучуваат сами на вакви авантуристички патувања!

 

секој се справува со климата на свој начин 😀

 

Конусите може да се употребат и како заштита од јака клима у воз 😀